Почетна » Новости » Мода » Ива Милошевска – младата дама заслужна што италијанскиот бренд Rebecca доби македонско поглавје

Ива Милошевска – младата дама заслужна што италијанскиот бренд Rebecca доби македонско поглавје

Накитот ни ја рефлектира визијата за убавина, ни асистира да го издигнеме стајлингот нивоа погоре на естетската скала и нè охрабрува стилски да експериментираме, па токму затоа е омилена женска опсесија.

Откако благодарение на Ива Милошевска на македонско тло се закотви брендот Rebecca, дамите кај нас добија перфектна дестинација за избор на префинети аксесоари кои молскавично освојуваат со модернистичка и софистицирана елеганција.

Каролина Гочева и Тамара Тодевска се меѓу бројните обожавателки кои се фасцинирани од магијата на италијанската изработка. Од сјајни приврзоци за персонализирана модна порака, до ефектни бисерни додатоци и шик синџирчиња со блескави кристали... Невозможно е да не пронајдете „круна“ за вашиот аутфит во ексклузивниот продажен салон на Rebecca во „Рамстор“.

На тема накит и бизнис со огромно задоволство поразговаравме со Ива, амбициозната девојка која пред повеќе од една година од Тоскана го донесе накитот Rebecca во срцето на Скопје.

Ива Милошевска во првиот продажен салон на Rebecca во СкопјеИва Милошевска во првиот продажен салон на Rebecca во Скопје

Италијанската приказна на Rebecca трае 20 години. Но, како започна македонското поглавје? Кога се заљуби во накитот Rebecca и кој беше оној „wow“ момент кога одлучи токму тој бренд да го украси македонскиот главен град?

Сфатив дека италијанскиот стил и култура на живеење многу ќе ми недостасуваат, па решив да донесам со себе парче од Италија овде кај нас.
Ива

- Мојата лична приказна за Rebecca е сплет од убави сеќавања, а првиот „клик“ се случи во Словенија, пред повеќе од 6 години. За мојот 18. роденден, мојата драга пријателка и моето единствено „семејство“ таму ми подари ланче со иницијал „И“ кое и ден-денес го чувам. Кога пристигнав за првпат на студиите во Рим, решив за секој важен момент во мојот живот да купувам по некој „спомен“ и тоа секојпат беше парче од Rebecca!

Во Рим пак, брендот меѓу колегите на универзитетот беше многу популарен. Трендот, студентскиот буџет и италијанската мода совршено се вклопуваа во секоја комбинација. Некаде при крајот на додипломските студии, кога решив да се вратам дома, сфатив дека италијанскиот стил и култура на живеење премногу ќе ми недостасуваат, па решив да донесам со себе парче од Италија овде кај нас! 😊

Понудата на Rebecca е навистина огромна и динамична, во чекор со рапидното темпо со кое се движи модната индустрија. Која од многуте актуелни колекции најмногу им го „заробува“ погледот на македонските дами?

- Во седиштето на компанијата во Фиренца, годишно се произведуваат околу 500.000 производи. Од асортиманот на „Industrie Testi“, кој содржи преку 6.000 артикли, за салонот во Скопје се одлучивме да донесеме околу 2.500 од нив, или 20-тина колекции за жени и една за мажи кои ги задоволуваат и најпребирливите модни вкусови. Според индикаторите со кои досега располагаме, на мое огромно задоволство, преференците во Македонија се скоро идентични како оние во Италија.

Rebecca

Засега, најбарани се иницијалите, кои се моден хит кај многу познати светски модни куќи.

Особено привлечни за македонските дами се колекциите „Lion Queen“, „Lucciole“ и „Jolie“.
Ива

Во поглед на колекциите, особено привлечни за македонските дами се колекцијата „Lion Queen“, изработена со специјална техника на патинирање и препознатлива по иконичниот мотив на кралскиот лав; следи блескавата „Lucciole“ која плени со тенките синџирчиња од сребро збогатени со кристали и новата „Jolie“ која содржи елементи од дијамантски прав.

А македонските џентлмени? Дали повеќе купуваат за себе или подароци за саканите?

- Основачот и главен дизајнер на компанијата, Алесандро Тести, во италијанската индустријата за накит е особено познат по иновациите во сегментот на високостилизиран моден накит и либерализација на употребата на аксесоари кај мажите. Машката колекција насловена „ЕГО“ е инспирирана од бунтовната легенда Стив Меквин, дизајнирана за модерните херои со силен став, а токму такви неколку „примероци“ имавме задоволство да бидат наши купувачи.

За почит е што веднаш започнавте соработка со македонски славни личности. Каролина Гочева, Бесијана Касами - Биг Мама и Арменд Рамадани моментално се заштитни лица на Rebecca, а промотивните фотографии од кампањите наидуваат само на комплименти. Како започна соработката со нив?

Накит Rebecca имаат носено Бијонсе, Ријана, Линдзи Лохан, Ева Мендес, Пинк...
Ива

- Брендот Rebecca е постојано присутен во медиумите, а во Италија го држи рекордот на застапеност во однос на конкуренцијата. Промотивните материјали се автентични и добро конципирани, а стратегијата се заснова на интернационални кампањи со водечки агенции, фотографи и врвни модели како протагoности на брендот Rebecca. Накитот го имаат носено планетарно познатите јавни личности: Бијонсе, Ријана, Линдзи Лохан, Ева Мендес, Пинк, Бар Рафаели и многу други. Во моментов, заштитно лице е италијанската убавица Федерика Нарџи. 30-годишната Федерика е италијански модел, ТВ-водител и актерка. Сопруга е на поранешниот фудбалер на Јувентус и Милан, Алесандро Матри, со кого ги има ќеркичките Софија и Беатриче. Rebecca

За протагонисти на Rebecca брендот во Македонија, базата во Италија ги одобри естрадните уметнички Каролина Гочева-Корубин, Бесијана Касами - Биг Мама и Тамара Тодевска, како и артистот за коса и шминка Арменд Рамадани. Сите се врвни артисти и професионалци, комплетно изреализирани во своите професии и исклучителни личности кои апсолутно се вклопија во корпоративната филозофијата на брендот.

Каролина Гочева

Тамара Тодевска е најновото македонско лице во големото семејство Rebecca. Кога и како дојде до ваша соработка?

Тамара е многу природна и непосредна личност, која зрачи со сензуалност и секако држи до својот изглед при секое јавно појавување.

Rebecca

Соработката ја официјализиравме во фаза кога нејзината стилска приказна за настапот на Евросонгот во Тел Авив требаше да се заокружи со соодветен накит. Италијанската префинетост на маркантните прстени одлично се вклопија со совршениот haute-couture фустан маестрално креиран од Александар Ношпал. Нашата македонска гордост блесна со холивудски сјај со впечатливите прстени и обетки од колекцијата „Hollywood“.

Rebecca

Како „тимот кој победува не се менува“ на неодамнешната сесија за промоцијата на новата песна „Monsters“ и на настапот во Тирана, креативниот тим на Тамара повторно се одлучи за Rebecca накитот, користејќи парчиња од уникатната R-ZERO колекција наменета за дами кои се своевидни стилски икони со уникатен вкус во модата и нагласена самодоверба.

Rebecca

Каролина Гочева на четири последователни концерти со Македонска филхармонија маѓепсуваше со визуелна и музичка хармонија, а во секој стајлинг имаше и потпис Rebecca. Што е најважно при изборот на накит за вака интимни изведби каде постои силна блискост со публиката?

Maгија е краток, но најсоодветен, опис да се опишат четирите концерти на Каролина! Освен што е врвен артист, прекрасна и исклучителна личност, Каролина е грацилна дама која извонредно знае да го носи секое парче накит од која било колекција! Четирите стајлинзи за концертите, Цаци Паковска толку умешно ги спои, креирајќи совршена софистицираност и префинетост, како што впрочем доликува на една вистинска дива како Каролина.

Каролина

Од свеченото отворање на Rebecca измина повеќе од една година, а се чини дека јавноста е мошне љубопитна за софистицирани светски брендови. Какви беа првичните реакции кога дел од префинетиот накит од Фиренца се досели во Скопје?

Македонските дами навистина сакаат и знаат да препознаат убави модни парчиња!
Ива

- Rebecca брендот е познат по своите впечатливи парчиња и динамиката на стилови кои се наменети за урбани дами, храбри во експериментирањето со новини и секогаш подготвени за уникатни модни погодоци! Особено сум горда што Rebecca Macedonia е меѓу 50-те flagship продажни салони на брендот во Европа. Стратегијата на компанијата не е ширење во квантитет туку во квалитет.

За отворањето на салонот во ТЦ Рамстор во Скопје, имавме чест да дојде лично Ребека Тести, ќерката на основачот и главниот дизајнер на компанијата, која во својот говор истакна дека „не е сѐ во поставувањето на уште едно знаменце на мапата“. Особено ми е драго што македонските дами навистина сакаат и знаат да препознаат убави модни парчиња! Освен производите, во целата концепција, многу внимание посветивме на услугата, обука на асистентите за продажба, начинот на комуникација со клиентите, просторот и самото позиционирање на брендот на нашиот пазар.

Rebecca Rebecca Италијанскиот амбасадор Карло Ромео со сопругата Антонела, Ребека Тести, Живко Мукаетов, Ива Милошевска и Емилија Милошевска на свеченото отворање на салонот на Rebecca

Зошто токму Rebecca? Кои се карактеристиките што го прават овој накит посебен, а со кои освојува над 30 пазари во светот?

- Би издвоила неколку фактори: мојата лична приказна со убави спомени, емотивната врска со Италија и италијанската пасија за дизајн. Јувелирските техники и уникатниот дизајн на брендот се комбинирани со најиновативните технологии за изработка на накит.

Во изминатата деценија, компанијата има инвестирано над 11 милиони евра во производни технологии. Само неколку работни часа се потребни за креативниот тим на Алесандро Тести од фазата на дизајнирање (скицирање) на производот до изработка на истиот во совршено парче накит. Секоја фаза од иновативните производни процеси е поврзана со должно внимание на деталите и завршната обработка, со цел да се поврзат сегашноста со иднината и мануелните вештини на старите мајстори со најсовремената технологија. Спојот на традицијата и иновативноста го прави брендот вистинска референтна точка на софистицирани и модерни „100% Made In Italy“ производи.

Покрај сопствените линии, „Industrie Testi S.p.A.“ е признаен партнер на многу светски познати мултинационални компании како: Fendi, Gucci, Balenciaga, Saint Laurent, Burberry и други. Иако спаѓа во категоријата на висока селектива, брендот Rebecca не припаѓа во ценовната категорија на луксузни модни додатоци. Цената на производите од брендот Rebecca е иста насекаде во светот, а така е и во салонот во Скопје.

Rebecca

Го надградуваше своето образование во Љубљана, Рим, Њујорк и Дубаи, а сепак се одлучи да го „увезеш“ знаењето и стекнатото искуство назад, во татковината. Кој беше пресуден фактор за да започнеш да ги правиш првите големи професионални чекори во Македонија?

- Едукацијата која ја добив надвор од Македонија вредеше за секој вложен цент и сакав практично да го искористам своето знаење на начин на кој најдобро умеам, а под палката на поголем систем каде постојат строго дефинирани правила на функционирање.

Македонија е сепак мојата татковина и сакав токму тука да донесам некаква додадена вредност.
Ива

Од моите родители, оваа моја одлука беше срдечно поздравена и имам огромна поддршка. Тие постојано ме охрабруваа да размислувам оптимистички, позитивно и пред сѐ надвор од кутијата, да бидам растеретена од предрасуди и да се стремам кон слободумност и иновативност. Искуствата собрани за време на студиите во Америка, Словенија, Италија и Дубаи решив да ги аплицирам на локално ниво. Македонија е сепак мојата татковина и сакав токму тука да донесам некаква додадена вредност.

Rebecca

Веројатно си добила многу бизнис совети пред и по лансирањето на Rebecca. Меѓу нив, кој би го издвоила како најкорисен?

- Како млада жена со свежи почетоци во бизнисот, имам уште многу пред себе, но спремна сум да се носам со сите предизвици! Всушност, од десеттина мои врсници со кои студиравме надвор од Македонија, само тројца од моето непосредно опкружување се вратија дома и се одважија да се испробаат овде. Заклучивме дека е тешко, но ќе издржиме. 😊 Се надевам дека приказната на Rebecca уште долго ќе се раскажува во Македонија. А ако ме прашувате за совет, вон учебниците и сите поминати студии досега и по секој напорен ден на работа, седум дена во неделата, максимата која ме води напред е: „Секогаш може подобро“!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20818 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.