Кензо Такада, основачот на брендот Kenzo, почина од компликации од новиот коронавирус SARS-Cov-2. 81-годишниот дизајнер денеска ја изгуби битката со КОВИД-19 во болница во Франција.
Сегашниот креативен директор на Kenzo, Фелипе Оливеира Баптиста, со кратка порака ја сподели тажната вест.
„Со огромна тага ја примив веста за смртта на Г-дин Кензо Такада. Неговата неверојатна енергија, добрината, талентот и насмевката беа заразни. Неговиот добар дух ќе живее засекогаш“ – напиша тој.
Такада е роден во Јапонија, но големата љубов кон модата го однесе во Франција. Тој со брод отпатува од неговата родна земја и во 1965 година пристигна во Париз кој набрзо стана негов дом.
Кензо ја креира првата женска колекција во 1970 година, првата колекција за мажи во 1983 година, а првиот парфем во 1988 година.
Од 1993 година брендот Kenzo е во сопственост за луксузната компанија LVMH. Во 1999 година Кензо се пензионира, но на почетокот на оваа година објави дека лансира нов лајфстајл бренд K3. За жал, болеста не му дозволи да ја продолжи новата приказна.
Пред само денови, брендот Kenzo ја презентира новата колекција на Париската модна недела. Креациите привлекоа големо внимание кај нас, затоа што инспирација за колекцијата беше „Медена земја“ со главниот лик Атиџе.