Македонскиот дизајнер Димитар Бабков има нова колекција насловена „The Cerebrum (10th day)“. Истата беше презентирана преку модно видео, едиторијал и showroom во рамките на 24-тото издание на Моден Викенд Скопје.
„Големиот мозок е највисокиот дел од мозокот. Се состои од две хемисфери поделени со централна пукнатина. Големиот мозок ги содржи главните делови од мозокот и е одговорен за примање и давање значење на информациите кои се добиваат од сетилата. Големиот мозок го контролира телото“ – оваа дефиниција е метафорично претставена во колекцијата преку текстурите, боите и кроевите.
„Овој пат сакам да навлезам подлабоко во човечкото тело и емоциите. Крвните клетки и клетките на кожата се прикажани преку испакнати текстури и рачно изработени детали. Некои од деталите, освен што се инспирирани од формата на мозокот, рефлектираат линии од структурата на коските, градите и ‘рбетот“ – вели Бабков, кој стои зад брендот SON OF SALOME.
Материјателите користени во колекцијата се од природно потекло, некои се рециклирани и голем дел се комплетно рачно изработени. Акцентот на колекцијата е ставен на портокаловата боја која симболизира оптимизам и безличност. Исто така фокусот е ставен на oversize кроеви кои симболизираат разновидност и родова еднаквост.
„Сакам да ги охрабрам младите луѓе да бидат бестрашни и да се тоа што навистина сакаат, да бидат слушнати и да се види нивната уникатност. Менталното здравје вклучува когнитивно, бихевиориално и емотивно здравје. Тоа подразбира како луѓето мислат, чувствуваат и како се однесуваат. Кога има синергија помеѓу сите делови, единката е комплетна. Секој од нас заслужува да биде оној кој навистина е, во полна автентичност“ – додава Димитар.