Македонскиот дизајнер Мите Занов ја претстави својата нова колекција насловена „BLEUE”.
Водечка инспирација за колекцијата за сезоната есен/зима 2019 е специфична нијанса на сината боја, препознатлива за делата на францускиот уметник Ив Клајн (International Klein Blue).
„Бојата на небото и морето ме асоцира на длабочина, стабилност и самодоверба. За кроевите во колекцијата, како и за нијансата на сино, наоѓав инспирирција од дела на францускиот уметник. Секако делата се доживеани на свој начин, затоа и дизајните се во препознатливата естетика за Zanov. Дел од облеката ги истакнува облините и ја следи линијата на телото. Колекцијата е многу чиста, едноставна и модерна. Има некои мали акценти кои потсеќаат на 60-тите години од минатиот век“ – вели Занов.
Палетата на бои е внимателно одбрана. Покрај нијанси инспирирани од препознатливата „интернационална Клајн сина“ боја, застапени се и бела, црна, сребрена и црвена боја.
Колекцијата „BLEUE” вклучува фустани, палта, панталони, комбинезони, ролки и повеќе видови здолништа. Дизајните лесно можат да се комбинираат меѓусебно. Колекцијата е наменета за различни прилики. Облеката ја дополнуваат и модни додатоци како хулахопки, мини ташни и појаси за нагласување на половината. Најуникатните дизајни од колекцијата се целосно рачно изработени.