Понекогаш и најобичните гестови можат да значат многу ако се направени со љубов.
Фризерка им го разубави првиот училиштен ден на 30 деца кои имаат самохрани мајки или се од ранливи категории. Аманда Барнет од САД на сите нив бесплатно им направи нова фризура и им подари ранци и училиштен прибор, испраќајќи ги во школо со поголема самодоверба.
Пред да започне новата учебна година, добродушната жена објави на Facebook дека подарува бесплатни фризури за децата чии семејства се соочуваат со финансиски проблеми.
„Отсекогаш сакав да организирам настан за да им помогнам на самохрани мајки или семејства кои имаат финансиски проблеми, а кои имаат деца што треба да одат на училиште. Во време кога цените растат и сé е многу скапо, ако можам да им го намалам стресот и грижите со донирање на дел од моето време и пари за нова фризура и школска опрема за децата, тогаш тоа е она што сакам да го направам.“
„Оваа година за првпат го направив ова, но дефинитивно ќе го правам секоја година. Знам дека булингот на училиште може да биде нешто многу тешко во денешно време. Децата се исмејувани ако ги немаат најновите патики или нова фризура, па сакам да се уверам дека барем овие 30 деца ќе ја започнат учебната година со самодоверба, изгледајќи и чувствувајќи се најубаво“.
„Сите треба да се здружиме и да си помагаме еден со друг. Како заедница, можеме да поместиме планини ако размислуваме на овој начин“ – рекла Аманда.
„Беше вистински благослов што можев да го направам ова“ – напиша таа на Facebook.