Која матурантка не сонува за фустан во кој ќе изгледа како принцеза и кој ќе ја истакне најдобро нејзината фигура? За жал, за една матурантка фустанот од соништата се претворил во најголем кошмар. Наместо луксузниот долг фустан кој го нарачала онлајн, таа добила евтина копија.
Џулиет Џејкоби се заљубила во долг црвен фустан и посакувала да го има за својата матурска прослава. Но, тој чинел 149 долари, па мајката на 17-годишната девојка одлучила да го побара онлајн. И го пронашла на RoseGal.com, каде чинел само 35 долари. Се разбира, без двоумење го нарачале со ќерка си.
Иако фустанот пристигнал со задоцнување, возбудената тинејџерка со нетрпение очекувала да го проба. Она што го видела, ја запрепастило.
„Кога го отворив пакетот, останав со отворена уста и бев шокирана колку грд беше фустанот. Пцуев малку и бев збунета дека воопшто не наликуваше на сликата која ја видов. Ѝ го покажав преку интернет на пријателка и таа прсна во смеење поради тоа што беше толку грд“ – рекла разочараната матурантка, која споделила фотографии на Twitter.
Џулиет го облекла истутканиот, евтин фустан со скршен патент и се појавила пред мајка си, која била шокирана. „Мајка ми стоеше пет секунди со најшокираниот израз на лицето, а потоа започна да се смее. Татко ми рече дека можам да го носам на матурата, ама јас реков НЕ! Не го носам ова на матура“ – додала таа.
When you think your getting a prom dress but... pic.twitter.com/PXsN6iARBZ
— Juliet Jacoby (@jjacoby14) April 11, 2016
Џејкоби ќе носи друг фустан на матура и вели дека си ја научила лекцијата да не им верува на недоверливи страници на интернет.
Па, ако наидете на фустан во чиј опис пишува дека е од свила, а се нуди за смешна цена, бидете сигурни дека она што ќе го добиете е далеку од опишаното. Некои онлајн продавачи преземаат фотографии од висококвалитетни фустани и произведуваат евтини копии. Тие сигурно не изгледаат како оние од сликите.