Симпозиумот на офталмолози ќе се одржи на 5 ноември, сабота, потврдува Лекарската комора на Македонија, која го акредитираше овој стручен собир.
Според демографските истражувања на Светската здравствена организација, 285 милиони луѓе се погодени од „функционалнo слепило“ поради ненавремени третмани. Од тој број, околу 246 милиони имаат проблеми со видот, додека 39 милиони се комплетно слепи, иако во 80% од случаите е можно тоа да се спречи.
Овој број ја нагласува итната потреба од подигање на свеста за лицата со оштетен вид, но е и повик за акција да му се обрне поголемо внимание на значењето на здравјето на очите и на видот како драгоцен подарок што мораме да го заштитиме.
Идентификувајќи ги светските тенденции како потенцијални локални предизвици, Лекарската комора на Македонија го акредитираше Регионалниот симпозиум на офталмолози во Македонија на темата „Новитети во офталмологијата“, кој ќе се одржи на 5 ноември во хотелот Мериот во Скопје. Симпозиумот е во организација на Систина Офталмологија која е дел од групацијата на универзитетската клиника за офталмологија Свјетлост од Загреб. Свои предавања на симпозиумот ќе имаат специјалистите офталмолози проф. д-р Никица Габриќ, доц. д-р Ратимир Лазиќ, д-р Маја Бохач и д-р Анте Баришиќ како тим од Свјетлост од Загреб и тимот специјалисти офталмолози од Систина Офталмологија, д-р Златко Арнаудовски, д-р Виолета Бучкоска Николовска, д-р Билјана Костовска, д-р Фанка Гилевска и д-р Илир Османи, а учесници ќе бидат и многу специјалисти офталмолози од други земји, како и специјализанти што ќе ги следат предавањата.
Овој симпозиум ќе обезбеди поголема едукација на медицинскиот персонал, ќе промовира позитивни практики, поддржувајќи здравствени услуги што резултираат со трајни подобрувања, ефективни резултати и одржливи придобивки за општеството.
Систина Офталмологија веќе 7 години успешно практикува нови трендови, инвестира во технологијата и во знаењето, финансирајќи специјализации и идни офталмолози што ќе продолжат да ги следат светските стандарди и да ги применуваат во офталмолошката практика во Македонија. Универзитетската клиника за офталмологија Свјетлост од Загреб, во чија групација припаѓа и Систина Офталмологија, е пионер во воведувањето на најновите светски трендови, иновативни решенија и практики во офталмологијата и од почетокот на нејзиното работење до денес, во период од 18 години, им помогна на над 400.000 пациенти и реализираше повеќе од 120.000 успешни операции на очи, поддржани од над 50 постојано вработени специјалисти офталмолози и многу специјализанти.
Двете очни болници континуирано работат на едукација на населението и подигнување на нивото на здравствената услуга, со врвно опремени технички простории и со најдобра медицинска опрема, успешно хармонизирајќи ги вредностите, критериумите и професионализмот.