Според податоците на Светската здравствена организација, 93% од децата во светот дишат загаден воздух додека играат.
За да одговори на една од најголемите глобални закани по здравјето, компанијата ecoLogicStudio создаде игралиште кое користи алги за прочистување на воздухот и овозможување на безбедна средина за децата кои играат во него.
Игралиштето „Air Bubble“ е лоцирано во еден од најзагадените градови во Европа – Варшава. На ѕидовите на „Воздушниот балон“ се поставени 52 стаклени цилиндри со алги потопени во вода. Алгите го апсорбираат јаглерод диоксидот од воздухот и испуштаат чист кислород.
Објектот користи 2 извори на обновлива енергија – сонцето и децата кои си играат.
Кога скокаат, децата ги активираат четирите водни пумпи вградени во подот и на тој начин го пумпаат воздухот од просторијата во биореакторите со алги. Алгите потоа ги апсорбираат атмосферските загадувачи и го прочистуваат воздухот. Колку повеќе деца играат внатре, толку повеќе загадувачи апсорбираат алгите и испуштаат повеќе кислород.
Идејата на креаторите е да се создаде свесност дека е возможно да се исчисти воздухот кој го дишеме, да се искористи вредноста на био-интелигенцијата на природните системи и да се создаде поздрава средина за идните генерации.
Повеќе од половина од кислородот на Земјата го произведуваат алгите во океаните.