Веќе неколку години бројот на пчели драстично опаѓа, што е загрижувачки факт кој нè засегнува буквално сите.
Доколку исчезнат пчелите, кои се најважен природен опрашувач, во следните децении светската популација може да се соочи со недостиг на храна.
Истражувачи од целиот свет непрекинато се обидуваат да го решат проблемот со опрашувањето.
Научник од Јапонија пронајде интересно решение. Имено, Ејџиро Мијако става полен во апарат за создавање меурчиња, кој е фиксиран на дрон. Потоа, меурчињата ги испушта кон растенијата и откако ќе пукнат, целиот полен се „закачува“ на растенијата.
Во пробен експеримент, 95% од таргетираните растенија вродиле со плод.
Мијако претходно експериментирал со директно опрашување со дрон, но тоа водело до оштетување на растенијата. Идејата со меурчиња се родила за време на игра на Ејџиро со неговиот мал син, откако едно од меурчињата нежно „експлодирало“ на неговото лице.
Една третина од природните опрашувачи се во изумирање, како резултат на користењето пестициди, загадувањето и климатските промени.