Добра вест за сите сексуално активни жени кои сакаат да ја избегнат бременоста: научниците создале гел кој ќе ги замени контрацептивните таблети.
Новиот гел е исто толку ефективен како и контрацептивните таблети, но не предизвикува странични ефекти како зголемување на тежината, акни, промени во расположението или главоболки, пишува DailyMail.
За да се заштитат од несакана бременост, потребно е жените еднаш дневно да се намачкаат со мало количество гел на своите раце, нозе, рамена или стомак. Гелот наречен Nestorone Estradial може да го користат и мајките кои дојат затоа што не навлегува во млекото.
Научниците од Њујорк велат дека гелот ги содржи хормоните естроген и прогестерон, исто како и повеќето контрацептивни таблети. Но, разликата е што содржи друг тип на прогестерон, наречен Nestorone, па поради тоа, истражувањата покажале дека гелот предизвикува многу помалку странични ефекти.
Револуционерниот гел е создаден во центарот за истражувања Population Council во Њујорк и би требало да биде достапен за неколку години.
Првичните истражувања, во кои учествувале 18 жени на возраст од 20 до 40 години, покажале дека гелот е подеднакво ефективен како и контрацептивните таблети и дека жените се посклони да го користат затоа што лесно може да стане дел од нивните секојдневни третмани за разубавување.