Би-Би-Си направи репортажа за автономното македонско село Вевчани, со наслов „Необична македонска микронација“, чиј автор е патописецот Ричард Колет. Тој е фасциниран од Вевчани и вевчанци, особено од нивната борбеност низ историјата.
Колет во септември го посетил охридскиот регион и токму на 8 Септември, Денот на независноста, со автобус отишол во Вевчани. Во Охрид затекнал празничен амбиент, а овде, селото било тивко. Забележал дека се вее уште едно знаме до македонското кај општинската зграда.
„Тоа е знамето на Република Вевчани“ – му кажала Александра Велкоска, поранешен туристички водич, која сега работи во општината. „Ние не ја славиме независноста денеска. Вевчани има свој Ден на независноста“.
Во својата репортажа за Вевчани, Колет пишува:
И покрај тоа што има само 2.400 жители, Вевчани трипати во последните пет децении се има обидено да прогласи независност од две различни земји. Во 1987 година, првпат се закани со отцепување од Југославија. Потоа, во 1991 година, селото се прогласи за независна република само 11 дена откако ПЈР Македонија самата прогласи независност за време на распадот на Југославија. И во 2002 година, слободарскиот дух на Република Вевчани беше оживеан од локалното население како микронација, обид да привлече туристи и да се потсмева на политиката со веење на „национално“ знаме, издавање пасоши и печатење на свои пари.
Понатаму Колет ја опишува географската положба на Вевчани. „Иако се наоѓа на 20 минути возење од Струга, најголемиот град на северниот брег на Охридското Езеро, изолираниот и непрооден терен на Планината Јабланица овозможува луѓето од Вевчани долго време да можат да ја задржат автономијата“ – пишува тој.
Историски гледано, Вевчани било дел од сите империи кои имале власт на овие простори, но реално никогаш не било освоено.
Колет со Александра разговарал и за историјата, традицијата и културата на Вевчани.
„Вевчанци ја негуваат традицијата“ – му рекла Велкоска. „Во времето на Отоманската Империја, на пример, ние ја зачувавме нашата православна религија, иако во околните села живее муслиманско население“.
Црквата „Св. Никола“ датира од 1824 година, има насликани ѕидни икони и фрески внатре. Велкоска го запознала со клисарот Ламбе Шурбаноски, кој му раскажал на Колет како Вевчани имало верска слобода под Отоманската империја.
Александра му раскажала дека отпорот на вевчанци не бил само кон османлиите, подоцна продолжил и кон комунистичкиот режим, кога Македонија била дел од Југославија.
„Тие не дозволуваа традиционални свадби и крштевања, но нашите мајки и баби продолжиле да ги прават во тајност“ – му раскажала таа.
Колет забележал дека вевчанци говорат посебен дијалект на македонскиот јазик и дека еднаш годишно, во јануари се организира Вевчанскиот карневал кој е посетен од целиот регион. Вевчанските извори се заштитен знак на селото.
„Изворите се најважниот дел од нашата култура и историја“ – му раскажала Велкоска, додека преминувале преку мал мост и го следеле брегот на реката кон изворот на природната изворска вода на Вевчани. Изворот е скриен во затемнета пештера од која се слева во корито. „Тука се одржуваат речиси сите прослави и обреди. Затоа луѓето беа толку изнервирани кога југословенската влада се обиде да ни ја одземе водата“.
Колет во репортажата за Би-Би-Си пишува и за познатите протести од 1987 година:
Вевчанци излегоа на протести против Југословенскиот владин план да им ја пренасочи водата кон вилите коишто се граделе на брегот на Охридското езеро, наменети за комунистичката елита, селаните цело лето го поминале во градење на барикади, протестирајќи и заканувајќи се дека ќе прогласат независност“
Колет го посети и ресторанот „Кутмичевица“.
„Имаш пасош?“ – го прашал сопственикот Насто Богоески. Бил среќен кога Колет му го покажал вевчанскиот пасош со печат за влез. Во ресторанот се служи локална, традиционална храна, а Колет имал можност да проба ѓомлезе, овчко сирење, зеленчук подготвен на скара, макало и ракија. Храната таму ја подготвуваат вевчански готвачи.
Ричард го посетил и новиот музеј во Вевчани кој треба да се отвори кон крајот на годинава. Внатре можат да се видат фотографии од развојот на Вевчани, изложба од вевчанскиот карневал.
Пред да се врти Колет накај Охрид ја прашал Велкоска дали вевчанската република е сеиозна или сатирична. „Вевчани сè уште има несогласувања со власта“- таа му одговорила. „Многу сме мали за да бидеме независни. Би имале слаба економија. Тоа е убава идеја, но сега е само за забава“.
Репортажата на патописецот Ричард Колет е дел од серијалот „Места што не припаѓаат“ на Би-Би-Си.