Во внатрешноста на својата личност можам да ја видам темнината, да ја погалам со рацете и да се обидам да вдахнам во неа светлина која што ќе ме утеши. Да се закопам себе во инспирација и да се претворам во квалитетната личност којашто сите сакаат да бидам. Можам да го помирисам здивот на успехот, да танцувам со можностите како руска примабалерина ... аххх, да имав сила, да имав мотив, да имав доволно амбиција.
Проекциите на секоја современа, обична, просечна девојка се состоеја во неколку реченици за очајна победа над животот. За лагодното продавање на духовноста во име на материјалноста, за принципите на компензацијата којашто го уриваше светот врз нив. Без разлика каде се наоѓаа нивните прсти, размисли и погледи, сите улици и чекори низ плоштадите во Прага, Будимпешта, Виена или Скопје, сите тие беа исти, а во суштина различни, сите беа едно и едно во нив беше идентично. Таа беше сите тие жени, секој потег на карминот врз усните, лакот што полека се суши, пудрата којашто навлегува во порите. Секој избор на класични пантолони или тренди фармерки за чај, кафе и цигара со пријателите, дечкото, сопругот, колегите. Таа живееше во нивните светови затоа што сите тие живееја во нејзиниот, затоа што беа поврзани со магичната нишка на потребата, постмодернизмот и бестежинската формација на мислите.
Се будеше со мантра за себепрокламација секое утро. Ги отвораше полека, а толку насилно очите, прозорците кон надворешниот свет, со надеж дека ќе се нурне во реалноста и ќе го освои врвот на планината. Го чувствуваше мирисот на свежо мелено кафе од продавницата под нејзиниот прозорец, тоа е најпријателското добро утро ѝ прелетуваше низ умот. Мислите ѝ се разлеваа по целата површина, се распрскуваа како пчелите кога го губат својот патерн на летање и додека се обидуваше да ги собере на едно посебно место во својот ум, да им даде фокус и концентрација, веќе поминува првата минута од денот.
Пејзажот којшто секогаш ја дочекува неспремна, вулгарно го зазема целиот слободен простор во собата, исто како сонот што ја прогонува веќе со години, се сместува по нејзините ѕидови и со мастилно пенкало испишува немотивирачки графити за она што ја очекува денес. Средбата со огледалото и фактот дека нема повеќе седумнаесет години, дека премногу пуши, а премалку спие и грозоморниот лик на претходната причина за живот. Сè уште кога се буди мисли на него, тоа е поразувачки кога сонцето толку силно сјае и бара од неа да стане и да свари силно црно кафе со три лажички шеќер. Додека беше млада тинејџерка мораше да пие едно кафе на ден, сега е стара адолесцентка и има потреба од седум кафиња за да може да преживее часови напорна работа и суштествено размислување за општествената декаденција. Да беше бар малку посебна, да не беше толку вообразена обичност, демоде идеологија, лик од роман на Достоевски, ќе си признаеше себе дека е невротична млада дама којашто само сака да драматизира наутро и да глуми депресивни епизоди.
Го турна јорганот со едната нога и суеверно им бараше мана на цветовите во вазната. Бели кринови кои беа контраст на уште побелата завеса зад нив. Изгледаа толку свежо, ја правеа собата поголема, помоќна, го ослободуваа времето со своето вечно постоење и затоа ги мразеше, исто како него.
Да се стане од мекиот кревет кој те штити од злобните колешки, непријателските лица и рамнодушните мажи коишто не го свртуваат погледот додека чекориш по улицата е најголемата казна, санкција за непочитување на природниот закон. Млитаво ја почеша косата, сознанието дека и денес нема да ѝ биде денот ја удри како првиот дим од цигарата, тешко, ги наполни белите дробови со никотин и јаглерод моноксид и како верижна реакција сите балони непријатност експлодираа еден по друг. Таа не смее да биде толку патетична со себе, мора да се расони.
Се одвлечка до тоалетот и се погледна во огледалото, рефлексијата не беше толку лоша, изгледа светот не ја мрази денес покрај сè, мора да престане да го менува мислењето и расположението секоја минута, да, тоа е нешто кое мора да престане да го прави. Очите ѝ беа потечени од неквалитетна рем фаза, тоа е во ред, може да се поправи со правилно нанесување на коректорот, усните се во ред, состојбата на кожата може да се преживее. Ги започна интимните ритуали на миење заби и манијакално гледање во митесерите на носот, интимни затоа што порасна сама без поголемо присуство или влијание на нејзините родители, затоа што живееше без никој последните пет години, интимни затоа што не живееше повеќе со него. Тоа сознание секогаш ѝ доаѓаше како шок, возот којшто намерно го пропушти, стравот од тоа да биде осамена и фобијата од тоа да биде врзана сето тоа дополнето со неопходната потреба за драма и шпански серијали беше краткото резиме на нејзините љубовни врски. Ја исплакна устата со вода, Боже, колку само ги мразеше емоциите, знаеше дека не припаѓаат во нејзиниот свет, дека се вишок, некој си поиграл со децималите и по случајност ѝ дал на фригидна персона да чувствува. Барем наутро.
Се придвижи низ собата како некој да вдахнал нов живот во неа, сега веќе е девојка којашто предизвикува, млада, убава и интелигентна, недостапна и допадлива. Го стави својот песимизам во малечката кутија за накит над телевизорот, го зачува цинизмот за околината и почна да се облекува во кошула со машки крој и фармерки кои завршуваат во внатрешноста на чизми со висока штикла. Парфемот е додаток без којшто кулата не може да стои и заводливо му се насмевна на одразот.
Си потврди дека може да се живее, а не само да се преживува. Ја зафрли косата надвор, како во оние филмски моменти кога хероината несвесно прави некој секојдневен ритуал и мажот кој поминува покрај неа, безнадежно се заљубува. Штета, што овој пат немаше кој да го види тоа. Бидејќи живееше сама, задоволна од проекцијата на софистицирана и себедоволна Вирџинија Вулф во модерна верзија.
Пред да ја затвори вратата од надворешната страна и да заборави на него, уште еднаш и прелета сликата на белите кринови во центарот на дневната соба. Љубовните приказни се секогаш слични една на друга, полни со емоции и иронија што тулите коишто ги градат, а надежите коишто ги создаваат се како непробојно стакло, трагедијата секогаш доаѓа на есен, кога сè што се родило на пролет умира.
Ја затресе главата тажно, немаше солзи, ниту силни впечатоци наменети за сите болни од рак и сите проститутки коишто мислат дека нивната професија е постара и од онаа на политичарот за којшто работат. Таа не беше заљубена, одамна престана да го сака, таа беше осамена, толку мачно и очајно осамена, и не знаеше како да престане да биде Настасја Филиповна.
Автор: Виолета Бојковска
Авторката е девојка што станува сабајле во 7. Или во 1 попладне. Таа е една фина, нежна романтична душа што бара Љубов. Или некој на којшто ќе му го искине срцето. Секогаш пожртвувана другарка што ги цени блиските. Или ултра хедонист без обѕир за никој. Се радува на убавините на светот. Или се привикнува на монотонијата на животот. Не ѝ замерувајте, Близнаци е во хороскоп.