Затвори ги очите и диши полека, задржи го воздухот во внатрешноста и потоа полека испуштај го за да престанеш да ицкаш. Така, тоа е добро.
Размислувам, колку ќе беше добро да можев да ја започнам приказната со бев родена во еден малечок град во Аризона, шармантно не? Ќе се замисли некоја кантри идила дополнета со крави и коњи кои ќе бидат поставени во истата штала и меѓусебно ќе битисуваат, како националностите во мојата ценета земја, потоа девојченце со природно руса коса и плетенки и сламена шапка со кофа полна млеко во рацете, Битолска Млекара, како слатко ви се смее од телевизорот и вие очекувате семејна драма која што ќе ве расплаче, но, не можам да кажам дека сум родена во Аризона, ќе треба да ве лажам. Но делот со малиот град е точен, имам теорија за тоа како функционираат малите градови со новиот закон за локална самоуправа, но тоа е премногу досадно дури и за оние кои како мене решиле дека животот ќе поминат натрупани со закони, пресуди, решенија и молби.
Кога првиот пат помислив дека мојот живот ќе се смени бев петто одделение и мислев дека реченицата „Колку чавки, толку петки!“ е чиста вистина, баба ми ја кажа и јас ѝ верував, исто како што верував дека Бог постои, ама мразам да ме цензурираат, затоа ќе се цензурирам сама. ТОЈ беше едно мало совршенство, се појави на првиот час по физичко образование и изгледаше како да е вистински излезен од филм, за разлика од мене, јас изгледав како да ме пратиле од академска средина да се борам во војна, а не да решавам дипломатски спор со помош на манипулација и наводна верба во заедничка и подобра иднина. Врежан ми е тој момент во меморијата до ден денес, прва љубов и љубов на прв поглед во едно, ако не се сеќавав така добро, тогаш ќе знаев дека сигурно нешто не е во ред со мене, за среќа, уффф, не е. Носеше кремова блуза со Хари Потер апликација и имаше фризура од старите денови кога бејзбол играчите мислеа дека „кремчето“ е кул. И јас мислев дека е кул, ма кој го лажам, јас мислев дека е најдоброто „кремче“ коешто било кога го имам видено, дека Хозе, Армандо и Диего кои што се шпански љубовници и Дон Жуани во слободно време не можат да се споредат со човеков, детево кое што стои пред мене.
Моментот сè уште не си оди ... ја чекам милисекундата да помине, да се изгуби, да исчезне, не.
Младите девојки фантазираат за љубов, уште повеќе се надеваат дека принцот со ферари ќе дојде да ги грабне од дома додека се шминкаат со новиот комплет шминки и дека ќе ги однесе за Америка за да успеат заедно во Холивуд, комуникациската мрежа е преплавена со постмодернистички теории за тоа како треба да се живее животот. А мене конзервативизмот ми е удобно склупчен во сржта додека кожата ми е одличје на либерализам, колку и да сакам да сонувам во колор, не ми оди, секогаш завршувам во црно-бело или телевизорот веќе не ми работи, па не можам ни да ги сменам и тие програми што ги имам.
Така сè уште не сум успеала да го сменам него, а ТОЈ ти е типичен повлечен Балканец, кој што на секое прашање поврзано со неговата емоционална или фактичка состојба одговара со „не знам“.
Емоциите се лукзус на денешницата, мислам дека го прочитав тоа некаде или некој го има кажано или е логичен заклучок изведен од аналогијата на животот, воопшто не е битно, битно е дека е вистина ако сакате да го скоцкате животот во замислените рамки, каде она што може да ви ги прелее боите ви смета, како солзи на обична маскара, клише е девојка која што има црнило околу очите. Ретко кој се запрашува зошто нешто се претворило во клише на прво место, но тоа не се прашања за сите нас кои што сме обични и неважни кога не сме сместени во кутија за политичка активација.
Кога престанав да се грижам за општеството, тоа почна да се „грижи“ за мене, може да се почувствува врховниот садизам на Де Сад во секој од нас ако се решиме да му дозволиме да излезе надвор, некоја чудесна амброзија за сите на светот да бидат најубави, ама ти да бидеш екстра најубав. Тоа беше ТОЈ за мене кога бев млада и неискусна, snow ball.
Но тоа, тоа беше кога бев млада.
Автор: Виолета Бојковска
Авторката е девојка што станува сабајле во 7. Или во 1 попладне. Таа е една фина, нежна романтична душа што бара Љубов. Или некој на којшто ќе му го искине срцето. Секогаш пожртвувана другарка што ги цени блиските. Или ултра хедонист без обѕир за никој. Се радува на убавините на светот. Или се привикнува на монотонијата на животот. Не ѝ замерувајте, Близнаци е во хороскоп.