Каде го влечкаш детето, ќе се испоразболи?!!
Дали сте ја слушнале веќе оваа реченица, сеедно од вашите родители, баби/дедовци или можеби пријатели?
Јас да, посебно во минатото.
Некако, во последно време, сè поретко.
Природата е најдобрата игротека за децата, а нејзините благодети во однос на детскиот развиток се неоспорливи, стимулирајќи ја не само моториката на децата, туку и целокупниот когнитивен и емоционален развој.
Во вештачки создадените средини за стимулација, пред сè терапевтските центри, се инвестирани стотици и илјадници евра за нешто кое ние како родители, барем за викенд, можеме да им го приуштиме на децата.
Камењата за балансирање кои чинат едно мало богатство можат да бидат заменети со обични камења во природа или некое дрво кое се наоѓа на земјата и детето да чекори по него и да вежба баланс.
Чекорењето по површини со различна цврстина и текстура, камчиња, земја, кал, вирче, мов… се замена за плочи и патеки за стимулација.
Едно обично дрво и качувањето на истото е најдобра и соодветна замена за дрвените справи за качување. При тоа децата се креативни, бараат нови решенија и донесуваат самостојни одлуки што е правилно, а што не.
При качување на дрво, една најобична одлука како кога да се користи лева рака, кога десна, а кога левата нога и кога десната нога, истовремено активира и стимулира толку многу центри.
Ритамот на живот и обврските често нè оневозможуваат да постигнеме сè што посакуваме или не на начинот на кој би сакале тоа да го сториме. Се адаптираме, балансираме, кратиме од едно за да постигнеме на друго место.
Оние кои се во работен однос се трудат да вметнат прошетка до парк или посета на локалното игралиште преку недела, што особено ме радува.
Но, она што не е секогаш изводливо преку недела може да се надoмести преку викенд.
Дозволете им да се се извалкаат, дозволете им да истражуваат и дозволете им што почесто да се таму, надвор.
Неопходен е баланс на активностите во домот со оние во природа.
Крајот на летото не значи и прекин на активностите и игрите во природа. Напротив, започнува една нова, есенска авантура, која децата може со полн здив да ја доживеат и во која максимално ќе уживаат.
Дали сте знаеле дека:
- Децата кои се почесто во природа имаат подобри резултати на тестовите за концентрација и самодисциплина.
- Децата кои редовно играат во природа имаат подобро развиена груба моторика, координација и баланс.
- Престојот во природа го подобрува, не само когнитивнот развој, туку и способноста за набљудување и доаѓање до решенија.
- Играта во природа е разновидна, креативна и ги подобрува способностите и вештините за соработка и комуникација.
- Престојот во природа е важен за развитокот на децата и чувството на самостојност и независност.
- Престојот во природа ја зголемува самодовербата на детето, го намалува чувството на анксиозност и ги редуцира АДХД симптомите.
Во однос на физичкото здравје, го зајакнува имуниот систем и ја подобрува општата физичка кондиција.
Детето развива емпатија, повеќе ја цени околината и природата и добива подобра престава и сфаќање за светот.
Доколку местото на живеење е во место со висок процент на загаденост, причина повеќе секоја прилика да се искористи за „бегство“ во природа.
„Нема лошо време, само лоша облека“.
Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.