Пред неколку седмици имав ужасно искуство во крвотокот на нашиот град. Мора да признаеме дека сите приказни за ЈСП се веќе слушнати и соџвакани. Кружат наоколу како некои стари урбани легенди, зачинети со новите авантури кои ги вклучуваат пензионерите како главни ликови во сообраќајната драма.
Но, мојот револт овојпат не е насочен кон хигиената во автобусите, хаотичната гужва и мешаница во вториот, петтиот и шестиот ден од неделата, ниту пак акцентот го удирам на навиките за бањање кај сопатниците или нивната љубов кон одредени ароматични растенија, кои вечно ги макнат во преполните ќеси, од кои не можеш да се разминеш.
Овонеделниот поздрав оди директно кај господата контролори во градските автобуси.
Да појаснам, беше вторник и успеав некако да се вовлечам во преполниот автобус, вклештена помеѓу толпата патници. Се истури река луѓе од друг автобус, кој беше исто така преполн, и се префрлија во автобусот во кој се борев за воздух, сметајќи дека во овој полесно ќе го преживееме патот до дома. Се прелажавме. Стискајќи ги парите во дланката, си помислив да стигнеме барем до следната станица (која патем не е оддалечена повеќе од 350 метри од онаа на која се качив) па веројатно ќе се расчисти барем малку и ќе можам веднаш да купам билет.
На моја голема среќа, на следната станица влетаа двајца уважени господа и така започна ЈСП дебаклот.
Прво, односот кој го покажуваат кон патниците е катастрофален. Се изнаслушав десетици лоши искуства после моето, како ги обвинуваат луѓето дека не ја откуцале картичката, само затоа што е бледа и не се познава ништо на неа, како им се обраќаат на патниците дрско и арогантно, а во мојот случај следеше обвинување како се „шуњам“ низ автобусите по цел ден, без да платам, па конечно успеале да ме фатат.
Тука настапи мојот револт кон лажното обвинение и склучив заговор со себеси да не соработувам со ваков тип на народ. Господата, веројатни првенци на генерација во академијата за контролори, ми кажаа необична сума за плаќање казнен билет на лице место, кој секако – одбив да го платам. Следуваше драма со личната карта во главната улога (молам правно лице да ми појасни – од каде полуписмени, дрски и арогантни, насилни суштества ја имаат привилегијата да добијат пристап до такви лични податоци), па морав буквално да повторувам како мало дете кое моли за играчка да ми биде вратена, бидејќи контролорот не сакаше да ми го врати документот за идентификација.
Мало буткање и туркање со рака, дрски и безобразни зборови и закани, нималку почит кон патниците, од кои јавниот сообраќаен сервис го вади лебот.
Па она што се прашувам е – на кој начин ги наплаќаат казнените билети? Јас никаде не потпишав, не добив потврда за плаќање казнен билет. Кој ги спречува уважените господа да ги злоупотребат моите лични податоци и секој месец да ми испраќаат по една честитка на мојата домашна адреса?
Сè уште сум во дилема – колку чини плаќање казнен билет на лице место – 200, 300, 500 денари или можеби петминутно шармирање и трепкање со очињата кон контролорот? Од други извори дознав дека доколку се решите да платите казнен билет веднаш, ви следува целодневно бесплатно возење со истиот во сите градски линии. Тоа не ми беше кажано, како и 8-дневниот временски период во кој може да си платите 1000 ден. казна поради неплатен билет. Наместо овие информации, мене ми се заканија директно со полиција и глоба од 75 евра.
Па драг јавен сообраќаен превознику... Би порачала да си ги истренирате вашите надзорници да се однесуваат човечки и со почит кон патниците, за почеток. Сметам дека сме вредни барем за зрно благодарност.
Деновиве се изначитав за насилни расправии низ автобусите и тепање на малолетни лица. Убаво би било, за промена, некој да застане во одбрана и да ги спречува ваквите непријатности. Доколку тој насилнички пристап се трансформира во позитивна мисија на смирување на тензијата, полека ќе почне да се менува сликата за ЈСП, која во моментов е гнасно извалкана.
Редно е да помислите и на најранливата група на граѓани на кои јавниот превоз им е неопходен и да воведете некаков попуст за нив. Кога веќе еднаш ќе почнете да размислувате, вклучете ги и студентите и нивните потреби во завршната сметка. Мене лично ми е драго што пензионерите ги имаат тие бенефиции трипати неделно бесплатно да крстосуваат по улиците на градот Скопје, и покрај хаотичната мешаница која ја предизвикуваат, но зошто и студентите да не го имаат истото тоа право?
За крај, се прашувам – дали секаде, во сите делови на градот и апсолутно во сите автобуски линии владее строгиот, насилен, прочешлувачки режим на контролорите?
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.