Мирисање оригами

О писменех

Многумина фрчат со носињата кога ќе слушнат некој дијалект и изразуваат лик кој имитира гадење. Нервозно ги поткреваат веѓите и коментираат како дијалектите се смешни и глупави.

Многу погрешно драги читатели. Дијалектите се богатство кое треба да се негува. Можеби не ја оправдувам нивната употреба во образовните и административните институции каде што сите треба да зборуваме на литературен македонски јазик, но во секој случај – од дијалектите не треба да се срамиме. Тие се богатството на еден јазик, литературно наследство од прадедовци, култура по која останатите копнеат.

Мене од друга страна, сетилата за слух ми крварат од сосем други реченични, граматички и правописни изливи. Нашиот народ е неписмен, тоа е факт. Сеуште не свати дека сè уште се пишува разделено и со надреден знак и дека сваќата и сватот се само роднини. Сфатив де, флизурата ми е убава, релната ми пече супер, а суќната ми е џам нова.

Книги

Постојат и полоши јазични силувања од овие. Еве неколку од кои ми се крева косата, ме пече желудникот и ме лазат морници поради бруталното насилство врз мајчиниот јазик (од популарни жаргони и изрази, до неточен правопис).

Кај си бе пеер?

Ви кажувам искрено и од срце – другарот Тито бил на вистинскиот пат кога ја популаризирал употребата на зборот другар/другарка.

Каде си бе другар?

Што му фали на зборот другар?

Па кога девојчиња се довикуваат со овој гнасен и погрден збор, ми доаѓа да вреснам.

Толку е присутен во секојдневниот жаргонски говор, што неретко се случува да му се обратиш со зборот пеер на сопствениот родител или раководител на работа.

Најдобра френдица

Хрватите и онака си мачат мака со сопствениот јазик и се доволно збунети и дезориентирани. Зошто би зајмиле збор како френдица?

Имам најдобра другарка и имам пријателка. Воедно, не е пеер. Точка.

Стиснато У, наместо отворено О

Да не ви е мака кога ве прашуваат дали сте од СкУпје, со некој притаен потсмев.

СкУпјанки и скУпјани, обединете се во масовен изговор на грлено и отворено О! Без страв, лесно е.

ИдеВа, дојдеВа, појдеВа...

Каде бре? Детално сум се распрашала за ова вметнување на буквата В во глаголите и не е дел од скопскиот дијалект. Што е?

Ќе се митнеме на стритот

Без коментар. Навистина, што остана друго да се каже?

Срцу6ка, зwати4ко, ма4е...

Им се смеевме на Бугарите за нивната замена на одредени букви со бројки. Сега нè снајде истото, па дури и полошо. Гладно си внесуваме туѓи букви на латиница, како да не можеме да го задоволиме јазичниот апетит со нашето богато кирилично писмо.

Принтам, кликнувам и лајкнувам сајтови

Во ред е, признавам дека модерната технологија нè збудале и потребни ни се нови зборови за да ги именуваме гаџетите и постапките со кои спроведуваме акции во виртуелниот свет.

Сепак, за потсетување – печатам, притискам, допаѓам страници. Но, кој не е грешен, прв нека го фрли каменот. Јас нема да фрлам ништо. Без трошка гордост изјавувам дека ги употребувам сите горенаведени зборови под точка 7. И реално се срамам.

Ступидна, поступидна, најступидна

Убедливо најлошата придавка изведена од странски збор, а има толку широка распространетост и популарност, што дури се употребува и во Парламентот. Ох, какви ступидни мисли поминуваат низ главите на некои луѓе.

Секундарно изреагирав

Мислите – изреагиравте во моментот? Ако пак сметате дека вашата акција во времетраење од една секунда или миг ви дава за право да го образувате овој недозволен прилог, се лажете. Коренот на зборот означува нешто второстепено, нешто второ, предизвикано од прво или нешто што му претходело. За свое добро, не си создавајте секундарни компликации.

Недостиг и недостаток

Имам недостиг на пари и ми недостига мојот најдобар другар кој е на привремена работа во Абу Даби. Познавам многумина без никакви физички недостатоци, но, за жал, не можат да се пофалат со добри јазични способности.

И пак се враќаме на истото место, после долго и заталкано вртење во круг.

Зошто е потребно да читаме и да си го учиме јазикот?

„Затоа што го збогатуваме сопствениот речник на изразување и ги формираме и вокализираме мислите, без да звучиме како очајни животинчиња кои се служат со мимики, крикови и ономатопеи со цел полесно да се разберат“ (парафразирана мисла која неодамна ја прочитав во едно прекрасно интервју за јазикот од д-р Елка Јачева-Улчар).

Отсекогаш сум сакала да си имам работа со писмени луѓе.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19725 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.