Дома ми се препелкаат неколку броеви од списанието Визија.
Ги купив пред неколку месеци на улица, ги продаваа средношколци од Коргачин, така фини и воспитани деца, ентузијастички настроени кон иднината. Немате поим колку пријатно се израдуваа и ми напомнаа дека баш многу им значи тој мал придонес. И јас се израдував и изненадив, искрено, за промена да се видат такви деца и такви содржини на едно место, толку љубов и труд вложено во нешто, мал идиличен свет во кој не владее кич и препич и нескротлива жед за перфорирани мувлосани вредности на денешницата, низ кои протекува нешто скапано.
Деновиве постојано го следам проектот наречен Лице в Лице, со неодолива желба и потреба да се вклучам и да помогнам на каков било начин. Идејата на координаторите поттикна продажба на исклучително квалитетно списание од страна на социјално загрозени и маргинализирани лица, со кои судбината си поиграла безмилосно грда игра. Ова е само мала шанса да излезат како победници во животниот рулет. Всушност, и самото мото вели дека „Со купување на списанието им помагате на многумина. Со неговото читање, си помагате себеси“.
Колкумина сте се сретнале со погледот на бездомник и сте го завртеле настрана, брзо одминувајќи го? Можеби не сте имале време во моментот, а можеби низ главата ви проструила мисла дека е мрзелив, па вашата скромна донација ќе му направи контра-услуга, немотивирајќи го да направи нешто повеќе од обично питање за милостина.
Но, овие храбри луѓе не се питачи. Тие се оние кои и покрај суровите удари решиле цврсто да застанат на своите нозе и да му возвратат на животот со шлаканица. Чисто потсетувајќи го дека – и тие се живи. И имаат право на среќа, топлина, дом.
Луѓето со кои се сретнувате лице в лице, уличните музичари, продавачи.
Тие се достоинствени и чесно се обидуваат да го заработат своето парче леб. Впрочем, како и сите ние, се борат за својот опстанок и едно подобро утре и посреќна иднина.
Не одминувајте ги овие борци. Напротив, да си ги чукнеме главите и да помислиме на кој начин би можеле да помогнеме. Општата ситуацијата е далеку од сјајна и некои денови шеташ со 100 денари во паричникот, но тоа се 100 ден. повеќе отколку што има тој човек кој се исправил и се обидува да заработи.
Има толку многу начини за помош и донации, и не сите опфаќаат исклучиво парични средства. Некои луѓе бараат мебел, други начин како да се стоплат, а трети само малку облека и храна. Верувам дека секој може да одвои барем малку, да се лиши од едно кафе, од ново парче облека или козметика.
И не мора никој да знае за подвигот, освен ние самите. И не се потребни големи памфлети или објави. Доволно е кога ќе легнеш да заспиеш со помислата дека си усреќил некого денеска. Од сосемa несебичен поттик.
Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.