Почетна » Колумни » Мирисање оригами » Басма со две лица
Мирисање оригами

Басма со две лица

Додека безгрижно се фрцкам по улицата, флертувајќи со првите срамежливи пролетни зраци, налетувам на стар познаник од училиште. После куртоазното Како си, Што правиш и Што има ново? (никогаш искрено не сум знаела како да ги спакувам сите новини од изминатите 5 години во неколку прости реченици, додека соговорникот нервозно гледа кон боите на семафорот), го вади мобилниот телефон и следува добро познатото – Дај ми го твојот телефонски број, ќе ти ѕвонам за кафе.

Не, благодарам, си мислам во себе, престанав да ги делам тие девет цифри со вакви личности. И двајцата знаеме дека – нема да се јавиш за кафе, ниту ќе отидеме на истото. Чуму таа потреба секогаш да се одигрува ова сценарио при ваков тип на средби? Во кој прирачник за пријателство и добри односи е пикнат овој чин на размена на телефонски броеви и имагинарни кофеински-средби?

Сепак, доброто воспитување ми налага послушно да го издиктирам мојот телефонски број како под команда, а личноста многу внимателно и грижливо да го зачува. Немам срце да му ја плеснам в лице вистината, ниту тој ја има доблеста да ми признае – колку измачувачки е сето ова.

Мирно продолжуваме секој по својот пат.

Лицемерност

Зошто всушност секогаш го правиме ова?

Не успеав да разоткријам зошто жените си даваат неискрени, ласкави комплименти една на друга.

„Леле душо, колку си ослабена, вистинска мачка“. (Оваа мора да е болна од нешто).

„Колку убаво ти стои цветен дезен“. (Ко селска мома на чешма).

„Баш сте убав пар со дечко ти“. (Ама ти си подебела од него).

„Ново фризурче, а? Топ си“. (Како да имаш шлем од Втора светска војна на главата).

Не ги сфатив ниту оние подлизурковци и потрчковци, кои постојано се смеат на вицевите од шефот, кои се повеќе трагични, отколку комични. Даваат пофалби за нивниот надворешен изглед и несебично ја нудат помошта за време на слободниот викенд.

Не сфаќам зошто пред светот сме сите насмеани и безгрижни, додека дома облеани во солзи се пикаме под перницата и со денови се игнорираме со најблиските. Делиме кавги, наместо насмевки.

Множиме тага, наместо разбирање. Таа пластичност и вешто сокривање на емоциите надвор, еден ден ќе нè уништи сите однатре.

Пред пријателите се преправаме дека не гледаме турски серии, а дома со денови бевме длабоко потресени и тажни поради смртта на Али Риза.

Не слуша никој турбо-фолк, ама затоа напамет се рецитираат и уживаат сите стихови од Пинк и Планет, а Аца Лукас го имаше триумфалниот 21.635 настап во Македонија. Затоа што апсолутно никој не го слуша.

Читаме само филозофи и писатели со длабоко изострено сетило за перфектно напишан збор (не е важно што половината не го разбираат). Во нашите библиотеки не постои простор за плитки, едноставни романчиња наменети за опуштање.

Сите стануваат рапери кога доаѓа некоја рап ѕвезда.

Сите се претвораат во рокери преку ноќ, кога гостува некоја рок група.

А во останатите денови, сме тажни, плашливи и изгубени луѓе кои се плашат јасно и гласно да кажат што сакаат.

Не ми се јасни толку многу работи, но едно е сосем јасно – не постои личност која нема неколку маски под креветот или пикнати во фиоката, веднаш до смрдливите чорапи.

Потребата да бидеш сопственик на истите во денешно време се поистоветува со механизми за заштита и преживување. Но некогаш маскираат чист облик на злоба. Маска на малограѓанштина.

Или едноставно кажано – маската е најлесен параван да се преживее, без да се изгуби здравиот разум. Или угледот. Или да се сокрие голата вистина, зашто толку проклето боли, гнила е и скапана. Или можеби вистината е лесна и едноставна, но вам ви е срам од истата.

Кој како милува. Факт е дека без малку такт и дипломатија не може да се преживее во суровиот сив свет. Но, кога носењето маска преминува во концентрирана и намерна злоба која уништува или делува саморазорувачки, знајте дека не ја носите повеќе како заштитен механизам. Сраснала за вашето срце, и сега сте само едноставно злобни. Кон другите и кон себеси.

Не бидете такви. За почеток не упатувајте комплименти кои не ги мислите. Доколку немате да кажете ништо убаво – просто замолчете. Доколку срцето ви плаче, не пробувајте да изнудите лажни насмевки на вашето убаво лице, заради атер на светот. Доколку сте биле на концертот на Северина и сте среќни – споделете импресии.

На светот и онака не му е гајле за вас. Зошто вам би требало да ви биде гајле за него?

Патем, инспирацијата некогаш дремнува и заборава да ми тропне на вратата. Тогаш е вистински благослов да се имаат читатели како тетка Сузи, која ми прати абер за оваа колумна.

Искрено и без маски – благодарам.

Автор: Трендафилка
Дупла скорпија, со две зелени очишта и коса чија боја варира според расположението и временските непогоди.
Мразам луѓе кои доцнат, немиени мрсни коси и турски сапуници.
Добрите книги ги грицкам со глад и не ги зајмувам никому.
Вљубена до ножните прсти.
Неправедно доживувана како разгалено дете единче.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19728 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.