Почетна » Колумни » Ловец на приказни » Мојата сосетка, мој херој
Ловец на приказни

Мојата сосетка, мој херој

Пред едно десетина години во метрото во Париз една жена влечкаше огромна торба, се мачеше да ја подигне на местата каде што имаше скали, а јас кога видов дека ѝ е тешко, се обидов да ѝ помогнам. Кога посегнав по торбата, таа испаничи, почна да вреска, „no, no, no“. Се најдов во небрано, а интересно беше што минувачите кои минуваа крај нас сите подбегнуваа.

Најверојатно жената помисли дека ќе ја ограбувам. Умрев од срам. Оттогаш не ми текна во странство да помагам некому. Сигурно таа недоверба што ја покажа жената си има историја. Оти очигледно не би врескала за џабе. Но, имам впечаток дека и тука дојде такво време, ако помогнеш некому веднаш е сомнително, мора да имаш некаков сомничав мотив, никако не може да биде алтруизам. Сепак, вака размислуваат само калкулантските умови, тие тргаат од себе. Нема што да ти помага, ако нема ќар од тебе.

Солидарност

Така неодамна мојот син можеше да добие фобија од затворен простор, заради тоа што се заглави во лифт со татко му. Кога констатирав дека се заглавиле во лифтот, ѕвонев кај соседите, избезумена скокав по скалите горе-долу, ме фати паника, но ниту еден од соседите не излезе да види што се случува. Плачев и се тресев, едноставно се изгубив! Живеам во мала зграда, со соседите речиси и да не се познаваме. Фирмата за лифтот не одговараше на повиците, го слушав плачот на моето дете, времето поминуваше, а јас не знаев што да правам.

Инаку, лифтот е голем метро на метро, изгледа како лимен сандак. Кога се возиш, те фаќа клаустрофобија, а не пак да седиш таму подолго време. Среќа се најде човек, само една комшика излезе да помогне, ете само таа се лиши од својата комфорна зона. Доволно беше што прати порака на фирмата и што му зборуваше на син ми оти мене ми се тресеа рацете и ми трепереше гласот. Колку малку треба за да направиш добро дело и да се најдеш некому.

На комшиката вечно ќе ѝ бидам благодарна, но искрено ме израдува и фактот дека ете уште има луѓе кои со срце доаѓаат да помогнат, без никакво калкулантство. Без да очекува нешто за возврат. Иако рече дека требало да оди на некаков состанок, таа остана докрај, сè дури не дојдоа од фирмата за одржување на лифтот.

Кога мојот малечок излезе од лифтот, иако не ја познава, се изгушкаа. Таа посветено нè испрати до нашиот стан. Кога ѝ реков дека сум ѝ должник, ме трогна со нејзиниот гест – го напиша нејзиниот мобилен телефон на тетратката што ми беше на маса и ми рече „Во секое време комшике. Слободно побарај ме, на полноќ, преку ден кога и да ти требам“. Во тој момент сакав да ја изгушкам за зборовите кои ги кажа. Таа беше светла точка, мојот херој во целава оваа приказна, која за среќа заврши добро, благодарејќи на неа.

Не можев да разберам како беше можно никој да не излезе да помогне, за дете се работеше. Како туѓата мака да е заразна болест, па никој не сака да се меша со заразениот. Или едноставно никој не сака да излезе за да не си го наруши комфорот и да се занимава со туѓи проблеми, но не размислува дека утре може и тој да се најде во слична ситуација.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20779 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.