Почетна » Колумни » За мајчинските работи » Смрт на пријателка ја натера мајка ми да престане да пуши, не чекајте да ви се случи истото
За мајчинските работи

Смрт на пријателка ја натера мајка ми да престане да пуши, не чекајте да ви се случи истото

„Уште оваа пакета и готово“, „Почнувам од Нова Година“, „Не можам многу сум нервозна, да помине периодов и ќе престанам“, „Убаво ми е да пушам“, „Друштво ми се со кафето“, „Ми помагаат кога сум под стрес“... Уф, мамо не ни ги паметам веќе изговорите што ги имам слушнато од тебе и од сите кои „по навика палат цигара нова“ или јас би рекла по зависност.

Оти никој никогаш не ја кажува вистинската причина за палењето нова цигара – зависноста од никотинот?

Со години ѝ зборувавме на мајка ми да престане да пуши, дека кога човек е „во години“ цигарите уште повеќе можат да му наштетат. Ја информиравме дека половина од пушачите умираат поради болест поврзана со пушењето, дека пушачите во просек живеат 10 години помалку од непушачите, сурово ѝ го плескавме в лице секое ново истражување и ја „пукавме“ со факти за лошите последици од цигарите, како речиси сите видови рак, инфекции на очите, срцеви болести, лош физички изглед…

Џокер карта секогаш ни беше лошиот пример за децата, внуците и сите кои ја сметаат за идол. И за крај, финансиите. (Па, само помисли што можеш да направиш со парите кои ги фрлаш за цигари.)

Имавме една цел – МАЈКА МИ ДА ГИ ОТКАЖЕ ЦИГАРИТЕ. Дали успеавме? НЕ. НУЛА. ЗАЛУДНО.

Цигара

Мајка ми ќе се насмееше и цврсто ќе ја стегнеше другарката (читај пакетата) и ќе си излезеше во дворот на цигара. За едно нешто ѝ симнувам капа, никогаш не запали цигара дома или во наша близина, а уште помалку откако ѝ се роди внукот.

Можам да претпоставам дека душата ѝ треперела од страв да не биде следната жртва на злото наречено РАК, но и таа, како сите пушачи, си се тешела дека не е толкав „баксуз“. Сите некако за сè сме навикнати да си мислиме дека тоа може да му се случи само на некој друг, а нас не. ТОА НЕ МОЖЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ НАМ.

Додека еден ден не сфатиме дека МОЖЕ. За мајка ми тој ден дојде кога за жал, почина нејзина пријателка од рак на белите дробови предизвикан од редовните 2-3 пакети на ден.

Мајка ми го доби повикот од кој сите се ежиме и стоеше како здрвена додека од другата страна роднина на пријателката ѝ раскажуваше за мачните последни месеци. Само кажа „Бог да ја прости“ и ја спушти слушалката. „Леле, колку беше млада, а почина“ – ми рече мене.

Откако се созеде, ја прашав колку години имаше жената, по што дознав дека имала над 45 години. За мене беше СРЕДОВЕЧНА, за мајка ми МЛАДА.

На тој ден мајка ми сфати дека ракот не гледа кој колку години има и дека ТИ секогаш можеш да бидеш следната жртва. Со цигарите само си ја зголемуваш веројатноста за тоа.

Мајка ми никогаш повеќе не запали цигара и СЕ ГОРДЕАМ СО НЕА. Таа покажа дека ниту една зависност не е посилна од волјата, дека ниту едно задоволство не е посилно од задоволството да живееш, да си здрав, да си покрај најмилите и да ги гледаш како растат. Човекот е посилен од сè, треба само да го сака тоа.

Ако го читате мојот текст и си мислите дека е морничав, знајте дека не е мојот текст морничав, туку можните последици од цигарите се морничави.

Добра вест е што СЕКОЈ може да ги откаже цигарите. Мајка ми успеа, јас успеав многу одамна, многу мои роднини и пријатели (читај пријатели што пушеа по 3 пакети на ден) се откажаа од цигарите и никогаш не погледнаа зад себе.

Денес е Светскиот ден без тутун, па нека биде твојот прв ден кон подобра ТИ. Нека биде твоја годишнина која ќе ја славиш како непушач. Не чекај блиска личност да ги затвори очите за ти да ги отвориш твоите. Направи нешто со кое ќе можеш да се пофалиш и гордееш. Кажи им „ЗБОГУМ“ на цигарите.

Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19661 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.