Го пишувам ова на многу специјален ден – роденденот на жената која ме донесе на овој свет. Личноста која ме направи она што сум, која беше моја поддршка кога ги направив првите чекори и ме научи на првите зборови. Која ми покажа колку силна може да биде една жена дури и кога животот ги задава своите најсилни удари, која не се скрши ни кога над неа стоеја најтемните облаци што некој може да ги замисли.
Ме научи дека по дождот доаѓа сонце, дека децата се светлината која секогаш ќе биде посилна од мракот, дека вреди да се жртвуваме за да ги видиме најмилите среќни.
Ми ја посакуваше целата среќа и љубов на светот, а сега е мој ред да ѝ посакам нешто нејзе.
Мамо, за твојот роденден ти посакувам:
- Безброј безгрижни ноќи. Онакви какви што ти ги правеше (и некогаш сè уште ги правиш) ноќите за мене, топли и безгрижни. Сигурно вечерните часови и за тебе беа наменети за одмор (па после целата таа работа ги заслужуваше), но некогаш не можеше да ги добиеш. Сега надополни, спиј како бебе. Куќата ти е пречиста, а и не мора да свети секоја вечер. Дај си го одморот кој го заслужуваш.
- Насмевки. Не само обични половични насмевки, туку смеење на глас, додека да те заболи стомакот (колку и лошо да звучи тоа). Насмевката е најдобар лек. И ќе ти го продолжи животот.
- Куп летни денови поминати на плажа. Во сончање под топлото сонце на лежалка. Само замисли, се релаксираш под сончевите зраци без да се сепнуваш дека треба да избришеш нечие мало телце за да не настине или дека треба да ја направиш највкусната летна манџа. Заборави на обврските, земи ја твојата најдобра пријателка и одете на одмор.
- Незаборавна авантура. Посакувам да ја имаш слободата барем еднаш да летнеш низ вратата без да размислуваш на другите. Па, зарем ни еднаш не можеш да бидеш себична? Ние ќе се погрижиме за она што ќе го оставиш зад себе, нели цел живот нè учиш на одговорност?
- Да го посетиш местото за кое отсекогаш си сонувала. Секој има фантазии. Реализирај ги твоите.
- Многу внуци. Знам дека ќе ги гледаш со истата љубов како што нè гледаше нас, но и со многу поголемо трпение, кое претпоставувам се зголемува со годините. Те гледам, веќе го правиш тоа. Твоите внуци се пресреќни што ќе те имаат.
- Будалести денови. Како оние кога лазиш по земјата за да насмееш едно мало лице или кога смислуваш смешни комбинации за да нè забавуваш. Тоа ти е вродена дарба, користи ја почесто. Секој крие по едно дете во себе, разбуди го твоето.
- Онолку парчиња торта, топчиња сладолед и чоколада колку што си жртвувала за да нè видиш среќни. Мала шега, зарем е возможно некој да изеде толку многу благо? Дај си онолку колку што ти сака душата.
- Дрскост и храброст. За да им се спротивставиш на сите оние кои мислат дека можат да газат по твојата добра душа. Покажи им дека не си наивна, возвраќај на ударите, повиши го гласот некогаш. Луѓето кои не те заслужуваат први ќе си заминат.
- Да ги задржиш вистинските пријатели. Оние кои беа покрај тебе во најтешките моменти, кои ти ја држеа раката и не ти дозволуваа да паднеш, туку те влечеа нагоре. Оние пред кои можеш да се истушиш кога ние ти газиме на нерви (дали некој може да те извади од такт повеќе од нас?) и кои се и ќе бидат покрај тебе кога ние не сме.
- Шанси да ги инспирираш другите. Можеби не си свесна, но со твоето животно искуство можеш да допреш до многу лица и да ги научиш како да ги надминуваат џиновските пречки. Ти веќе го направи тоа, шири ги научените лекции.
- Моменти во кои гордо ќе кажеш дека беше во право. Знам дека го обожаваш тоа.
- Да си го купиш фустанот кој долго го меркаш. Без грижа на совеста. Ние пораснавме, имаме доволно облека, сега е твој ред да научиш да си ги подаруваш нештата што ти го мамат погледот.
- Безброј театарски претстави. Оние кои те познаваат, знаат колку уживаш во добрите претстави.
- Секогаш да чекориш со крената глава. Знаеш колку многу вредиш, само види колкава почит имаат луѓето кон тебе. А оние кои не ја покажуваат, знај дека ти завидуваат, за нив не вреди да активираш ни еден нерв од твоето тело.
- Почесто да ја облекуваш облеката која ја чуваш за специјални прилики. Секој ден може да биде специјален ако самата си го направиш. Не чекај!
- Да знаеш дека секогаш има некој кој те поддржува. Исто како што ти ме поддржуваше мене дури и кога не се согласуваше со она што го правам. Да, некогаш знаеше да ми одржиш лекција, но тоа е она што го прават добрите родители, така?
- Некој што ќе се грижи за тебе ако не можеш сама да го правиш тоа. Иако ти посакувам да бидеш силна и исправена до крајот на твојот живот, ако во кој било момент почувствуваш слабост, сврти го мојот број.
- Длабока старост. Посакувам да те видам опкружена со внуци, а потоа и правнуци. Посакувам да видиш што си создала и за колку животи си заслужна. Грижи се за твоето здравје.
- Бескрајна и безусловна љубов. А да, тоа веќе го имаш. Барем од мене.
Автор: Лори ДеМама
Лори е „мама“ на едно дете, која најмногу се плаши од фактот што не може да ја предвиди иднината. Ја обожава организираноста, но е принудена да живее со хаосот. Останува будна до доцна навечер, а станува рано наутро, зашто така „краде“ малку време за себе. Постојано си ветува дека ќе започне да вежба, но нема магично стапче за да го продолжи денот за уште еден час. Искрено верува дека среќата ги следи храбрите.