Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Надвор од рамката
Во земјата на чудата

Надвор од рамката

Само што ќе се родиме, веќе сме ставени во рамката наречена живот. Јасли, градинка, основно, средно, факултет... По завршувањето на факултетот треба да најдеме добра работа, по можност без смени, од 8 до 4, да работиме во канцеларија бидејќи таа работа е најлесна и најубава. Потоа да се омажиме, да создадеме семејство и да го претвориме животот во рутина, затоа што така е наједноставно. Да ги оствариме очекувањата, без да излеземе од зоната на комфорот. Да станеме дел од системот и да се стопиме во толпата луѓе, сите исти како нас.

На системот му требаат послушни луѓе со кои лесно се управува. За да станеме такви, само што ќе го почнеме образовниот процес, ја убиваат креативноста во нас. Сè што е поразлично, потешко се прифаќа и ако човек не е навистина упорен, наједноставно му е да се откаже од креативноста и да ѝ се приклучи на толпата.

А сигурна сум дека кога не би се приклучувале кон толпата, повеќето од нас би биле многу посреќни. Кога можеш да го реализираш својот потенцијал и уживаш во она што го правиш, шансите дека ќе бидеш среќен се многу големи.

Среќна жена

Не е секој надарен да учи и заврши факултет, постдипломски студии, па сè почесто и докторат. Има толку многу убави работни места за кои не е потребно високо образование, особено не магистратура. Син ми сака да биде готвач, но уште сега сите му велат дека таа професија не е добра и училиштето кое треба да го подготви е слабо. Откако неколку пати го слушна истото од повеќе наши пријатели, веќе почна да размислува за други професии. А најсреќен е во кујна и сигурна сум дека би бил одличен готвач.

Иронично, колумнава ја пишувам на пауза од пишувањето на мојот магистерски труд во област во која никогаш не се гледав себе си. Се запишав на постдипломски без размислување, затоа што моите отсекогаш ми велеа дека децата треба да имаат еден степен повисоко образование од родителите. А реалноста е дека ништо посебно не добив, освен што жртвував многу време. Кога ѝ кажав на тетка ми дека ќе се запишам на постдипломски ми рече: „Толку си посветена на учењето, а сè друго пропушташ“. Тоа е суровата вистина. Дека за да завршам жртвував премногу слободно време и мигови поминати со најблиските и како одминува времето, како да сфаќам дека повеќе сум зијан отколку ќар.

Не секогаш човек е среќен ако добро заработува. Има работни места кои се ужасно досадни и не носат никаква лична сатисфакција, освен заработката. Има работни места на кои човек само поради платата си гази некои сопствени принципи и секој ден се бори со себе. Некој ќе рече – „Па што ти треба повеќе“? Во време на економска состојба како актуелната и невработеност од 30%, звучи неблагодарно човек да е незадоволен од работа која не го прави среќен, а зема пристојна и редовна плата. Но, ако размислиме дека на работа поминуваме по 8 часа дневно, околу 35 години, тешко ми е само да помислам да работам нешто што не ме прави среќна.

Мене многумина ме доживеале како неблагодарна затоа што можејќи да најдам државна работа со за некого совршено работно време, без да патувам и бидам одделена од семејството и без некоја голема потреба од надградување, јас избрав несигурна работа која бара од мене многу повеќе, но ме прави посреќна. И никако не можам да ѝ објаснам на мајка ми дека не се мачам како што таа мисли, туку дека уживам.

Некој можеби и не сака да чека да заврши факултет за да се одлучи да стапи во брак и да има деца. Некој можеби има навидум идеален партнер, но не го прави среќен. И не се малку оние кои заглавиле со некој кој не ги прави среќни, само затоа што според луѓето во нивната околина, тој бил вистинскиот за нив. Нека е најсовршен, ако не ти го топли срцето, сè друго е џабе.

И кога ќе се вклопиме во очекуваниот шаблон, живееме навидум среќен живот. Одиме на работа, се враќаме дома, ручаме, ги носиме децата на разни активности, чекаме да дојде викенд да се видиме со пријатели, и секоја седмица истиот распоред. А реалноста е дека нè гуши монотонијата. Го живееме животот чекајќи да остариме. Го трошиме секој нов ден без ниту грам страст за нешто. По навика. А еден ден ќе ни биде криво.

Многу ги почитувам луѓето кои навистина знаат да го живеат животот. Постојано се активни, енергични, успеваат да бидат секаде и да ги спојат убавото и корисното. Наоѓаат работа што совршено ги исполнува. Одат по настани што им значат – концерти, спортски натпревари и разни манифестации. Еден ден се во Скопје, друг во Прилеп, трет во Белград, а четвртиот на Солунска Глава. И совршено среќни се со ваквата динамика. Многу ми годи друштвото на вакви луѓе. Ме фаќа еуфорија и ме тера и јас да излезам од зоната на комфорот. Да сакам да бидам повеќе и да дадам повеќе. Да ја победам сопствената просечност.

Мојата омилена изрека од е онаа на Марк Твен: „По дваесет години ќе бидете повеќе разочарани од работите што не сте ги направиле отколку од работите што сте ги направиле. Затоа, откачете го јажето. Отпловете од безбедното пристаниште. Фатете го ветрот со вашите едра. Истражувајте. Сонувајте. Откривајте“.

Животот е краток. Од нас зависи како ќе го искористиме и дали ќе оставиме нешто зад себе.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.