Во земјата на чудата

Ама го сакам!

Познавате ли жени кои се психички малтретирани од нивните сопрузи, а не одлучуваат да стават крај на бракот? Сигурна сум дека секој од нас познава барем по една, а можеби и повеќе. И којзнае уште колку има за кои и не знаеме што им се случува, затоа што не сакаат да ги споделат маките од различни причини.

За жал, во оваа група спаѓа и една од моите најдобри другарки. Никогаш не би помислила дека ТАА можеше да заглави во ваков брак. Образована и успешна жена која имала неколку долги врски зад себе и никогаш не дозволувала да биде третирана како сега. Претходните врски ги раскина по нејзина иницијатива, затоа што не биле доволно добри според нејзините стандарди. За тоа ѝ се восхитував, затоа што човек треба да знае што бара, и да ја продолжи потрагата сè додека не го најде тоа. Подобро е да бидам сама, отколку со некој со кој би била само поради форма, без никаква содржина.

Љубовна расправија

За жал, за неговата болна љубомора дознав многу доцна, кратко пред нивната свадба. Тогаш ја советував да не брза, да ја одложи свадбата, за да види дали ќе се средат работите. Но таа не ја одложи, бидејќи повеќе мислеше на сите други околу себе, отколку на себе.

„Не можам да им го направам тоа на моите“, ми рече. „Поканите се веќе поделени, срамота е сега да одложуваме“. Кога ѝ кажав дека секој родител сака детето да му е среќно и ништо друго не е поважно од тоа, ми рече: „Кога на мајка ми ѝ кажав дека имаме проблеми, ми рече дека сама сум си го избрала и сега мое е да си ги решам проблемите“.

Искрено, ова многу непријатно ме изненади. Мајка сум и никогаш не би им рекла вакво нешто на моите деца. Уште помалку го очекував тоа од нејзините родители, кои и самите немаат брак за пример. Мислев дека кога ти си имал некое лошо искуство, ќе направиш сè за твоето дете да не го поминува истиот пат.
Свадбата помина, а нивните расправии стануваа сè почести. Причината секогаш беше иста, неговите љубоморни испади кога таа ќе излезеше сама, кога ќе се поздравеше со некое машко на улица, дури и кога некој ѝ ѕвонеше од непознат број. Дерење, расправање, навреди со погрдни зборови кои не би ги кажала ни на најголемиот душман, а не на оној со кого животот го делам. Безброј пролеани солзи, седативи, подочници и никаква волја за живот. Живот исполнет со душевна болка.

Не знам колку пати ми се јавила расплакана да ми каже дека не може повеќе. Доаѓала и секогаш се враќала кај него. Кога ќе ја прашам зошто останува со него, секогаш го добивам истиот одговор: „Ама го сакам!“.

И? Навистина, дали љубовта е доволно силна причина да останеш со некого? Кога гледаш дека љубовта е деструктивна, не треба ли да проработи разумот и да ставиш крај? Да, љубовта е неопходна во секој брак. Но, да не се лажеме, за еден брак да функционира како што треба потребно е многу повеќе од љубов. Не ми е јасно како некој длабоко навлезен во четвртата деценија од животот не може да го сфати тоа.
Бракот е сериозна работа и пред човек да влезе во таа авантура, треба добро да процени дали навистина направил добар избор. Не велам не, човек може и да се промени со текот на времето, па некој што на почеток ни одговарал, по некое време да го чувствуваме како странец.

И да не бидам погрешно сфатена, не мислам дека при првата криза во бракот човек треба да се раздели. Кризи има секој брак и секогаш треба да се потрудиме да го задржиме бракот. Ако во врска за нешто веднаш би раскинале, во брак треба да направиме многу обиди за подобрување на ситуацијата, пред да ја донесеме конечната одлука. Се разбира, ако има деца, човек треба да биде уште поупорен и тогаш одлуката за развод е уште потешка.

Но, тоа не значи дека треба да одиме со глава во ѕид. За брак се потребни двајца. Ако само едниот е подготвен на компромиси, а другиот ниту еден милиметар не сака да отстапи, тогаш бракот и нема поента да опстане. И децата ќе бидат посреќни ако имаат помирен живот со еден родител, отколку ако живеат во постојан стрес со секојдневни караници.

Другарка ми сè уште се обидува да си го спаси бракот. Направи сè што можеше, само нејзиниот сопруг да не се нервира. Престана да излегува, ја нема на социјалните мрежи и се откажа од сите хобија кои ѝ беа многу важни. Дури и роденденот не го прослави во друштво, туку само со него. Прв пат по дваесет години не ѝ бев на роденден. Кога би знаела дека тоа е нејзин избор, би била пресреќна, но знам колку ѝ значат роденденските забави. Сепак, и покрај сите отстапки, работите не се променија, затоа што тој кај себе не промени ништо.
Се лаже дека е среќна и се труди да ги запамети само малкуте среќни моменти што ги имаат заедно. Свесна е дека ништо нема да се промени, а му дава шанси повторно и повторно. А јас се чувствувам немоќна да ѝ помогнам. Сè што можам да ѝ дадам е поддршка, што и да одлучи. Ја гледам како се оддалечува од мене и од сите други и се затвора во себе. Пропаѓа, и физички и психички, а јас не можам ништо да направам да ѝ помогнам. Боли кога гледаш како некој што го сакаш се уништува.

Никој не заслужува да биде третиран на овој начин. Не сме најдени на улица и не сме ничија сопственост. Некој се грижел за нас целиот живот и животот би го дал за нас. Љубовта не смее да боли. И психичкото малтретирање е насилство. И душевната болка е болка. Не е само физичкото насилство причина на нешто да се стави крај.

Кога ова можеше да ѝ се случи неа, може да му се случи секому. Ако таа не може да пресече, што останува за оние кои имаат деца, немаат каде да одат и немаат никакви приходи? Секоја чест на храбрите жени, кои одлучно ставаат крај на ваквиот живот, ако тоа може да се нарече „живот“.

Ако не сте во брак, пред да се решите на таков чекор размислете дали навистина тој е вистинскиот. Ако има барем едно нешто поради кое не сте сигурни, не брзајте, почекајте. Подобро да помине повеќе време пред да сте сигурни во својата одлука, отколку да избрзате, па подоцна да барате излез.

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.