Болката е мошне често предизвикана од состојба на стрес во организмот. Стресот на невро-мускулно ниво се презентира преку напнатост на мускулите и тетивите, која натаму се пренесува и на нивните спојки со покосницата од коските. Бидејќи сите тие, а особено покосницата, се богато инервирани со нервни завршетоци и рецептори за болка, настанува повратно сигнализирање со натамошно дополнително затегање на мускулите и покачување на болката. Така се создава кругот напнатост – болка – напрегнатост – болка итн. Болката во грбот, вратот и главата се најчести и најшироко распространети видови на болка предизвикана од стрес. Оттаму е и објаснувањето за потребата по огромни количества на разноразни аналгетици кои ги консумира човекот на денешницата, како и по зголемениот број на физикални третмани, масажи, акупунктура итн.
Главно решение за ваквиот тип болки е прекинување на повратната врска меѓу напнатоста и болката, односно регулирање на напнатоста преку соодветен антистрес програм и пристап. Соодветниот антистрес програм треба да води низ постапно опуштање на невро-мускулниот систем до состојба на потполна телесна опуштеност и чувство на внатрешна благосостојба. Таквата целна состојба означува и овозможување на лачењето на ендорфинот во организмот, кој е воедно најсилен природен аналгетик, антистресен и релаксационен хормон. Антистресниот пристап, кој се базира на редовно пратење и одржување на невро-мускулната напнатост на оптимално ниво, ја попречува појавата на синдромот на болка од стресно потекло.
Главоболката претставува една од најчестите болни состојби кај човекот на денешницата. Се претпоставува дека 15-20% од денешната популација страда од повремени или трајни главоболки. Од тоа се смета дека 90% од главоболките се должат на продолженото стегање на мускулите на главата и вратот поради емотивна напнатост и стрес. Од останатите (10%) причинители за главоболка најчести се: покачена температура, вирусни инфекции (грип), ПМС, мамурлак, проблеми со видот, покачен притисок, воспаление на увото, воспаление на синусите, процеси во забите и гингивите, (зло)употребата на лекови, никотин и хемиски супстанци, тумори итн.
Воглавно се разликуваат четири типа на главоболки: мигрена, тензиска главоболка, хронична тензиска главоболка и кластер главоболка.
- Мигрената е вообичаено изразена преку пулсирачка болка на едната половина од главата и често е пропратена со мачнина, повраќање и чувствителност на светлина и бучава.
- Тензиската главоболка настанува поради стегање на мускулите на вратот и главата. Се нарекува уште и психогена, миогена, невротска или стресна. Болките се вообичаено изразени во вид на притисок и стегање како обрач во пределот на челото, но и во тилот. Може да биде пропратена е и со надуеност на стомакот, стегање во грлото, лупање на срцето, раздразливост, тешкотии во концентрацијата и памтењето.
- Хроничната тензиска главоболка е од исто потекло и со исти симптоми како претходната, но е присутна постојано и е со помал интензитет.
- Кластер главоболката е силна главоболка во подрачјето на окото или слепоочниците, пропратена со солзење и цвенило на окото, запушеност на носот и зноење на челото и лицето.
Превенцијата на стресот и неговата регулација преку соодветни антистрес програми претставува адекватен третман на 90% од телесната болка и главоболките. Користењето на релаксациониот тренинг, кој може да се најде на www.antistres.mk, е изразено ефикасен и препорачлив за сите кои страдаат од овој тип на стресно пореметување. Тој едновремено претставува ефикасен третман, но и практична обука за натамошна самостојна примена при ваквите состојби.
Не чекајте, научете како сами да ја регулирате напнатоста и болката во својот организам!
Автор: Спец. Др. Звонко Џокиќ
Спец. Др. Звонко Џокиќ е меѓународно познат експерт за стрес и психотерапија, автор на проектот Антистрес Клуб (www.antistres.mk) како и на специјалните антистрес програми кои можат да се најдат на порталот. Во неговите колумни ќе пронајдете корисни информации за тоа како да ги надминете стресот и последиците поврзани од стресот.