Синди Крафорд е една и единствена. Нејзиното препознатливо лице со сексапилната бенка долги години беше меѓу најбараните во модната индустрија. Иако сега познатата убавица не е толку присутна во списанијата и на модните писти, сепак повремените нејзини проекти сè уште привлекуваат големо внимание.
Новата фотосесија на „S Moda“ со незаборавната Крафорд била направена во Лос Анџелес. Покажувајќи ги своите најдобри пози, Синди носи модерни креации на дизајнери како Александар Ванг, Тиери Муглер и Донатела Версаче.
И на 46 години Синди изгледа прекрасно, а нејзиното тело е во одлична форма како што и било во 90-тите кога заедно со нејзините колешки Клаудија Шифер, Наоми Кембел и Линда Еванџелиста владеела во модниот свет.
Во интервју за списанието, Синди споделила дека нејзиното мислење за моделите се поклопува со размислувањата на Карл Лагерфелд, односно таа тврди дека за една манекенка да стане супермодел, и денес мора да поседува нешто што ќе ја издвојува од другите. „Во моето време секој модел имаше дефиниран идентитет. Бевме несовршени. Клучот да станеш супермодел е да си несовршен. На индустријата ѝ се потребни лица кои луѓето можат да ги препознаат по само 1-2 секунди. Токму затоа девојките кои беа познати во 90-тите работат сè уште денес“ – изјавила таа.
Синди тврди дека нејзината убавина не е резултат на естетската хирургија и дека досега нема легнато под нож. Сепак, признава дека имала пробано Ботокс, но и дека воопшто не ѝ се допаднал ефектот, па прекинала да го користи.