Ким Кардашијан се најде во центарот на непријатен инцидент на црвениот тепих. Непозната жена фрли кесичка со бел прав врз познатата телевизиска ѕвезда на црвениот тепих во лобито на „London Hotel“ во западен Холивуд. Целата коса и сакото на Ким беа посипани со бел прав.

Жената која го предизвика инцидентот веднаш се обидела да избега, но била пресретната од луѓе од тимот на Ким. На местото на настанот била повикана и противпожарна единица за да утврди за каков бел прав се работи. Било заклучено дека тоа е обично кујнско брашно.





31-годишната старлета и нејзината мајка, Крис Џенер, биле однесени во приватна соба каде што било отстрането брашното. Десет минути по инцидентот, Ким со насмевка на лицето се вратила пред камерите.


„Ова најверојатно е најлудото, најнеочекувано и најчудно нешто што некогаш ми се случило. Како што му реков и на мојот мејкап артист, сакав повеќе пудра, а тука има многу пудра во прав“ – се пошегувала Ким по враќањето на црвениот тепих.


Ким изјавила дека не сака да покрене тужба против непознатата жена. Според соопштение од полицијата, жената подоцна била ослободена.

Не се знае што точно ја мотивирало жената да го предизвика овој инцидент, но се шпекулира дека пред нападот таа рекла нешто поврзано со крзно. Ким редовно е на мета на ПЕТА, организација за заштита на животните, затоа што е обожавателка на вистинско крзно.