Наскоро се отвора конкурсот за програмата за стипендирање „Борис Трајковски-НОВА“ која ги покрива трошоците за четиригодишно средно образование во Меѓународното училиште „Нова“ во Скопје почнувајќи од учебната 2022/23 година. Стипендиите ги доделува училиштето „Нова“, во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“, при што ќе бидат доделени три целосни и три делумни стипендии (50%), а истовремено сите ученици рангирани во првите 10 места, ќе можат да аплицираат за финансиска помош во износ до 40% од износот за школување.
Овие стипендии се доделуваат од 2005 година во чест на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски. За нив може да конкурираат сите ученици од земјава кои го завршуваат основното образование и сакаат да го продолжат средното образование во „Нова“, а притоа имаат одличен успех од шесто до деветто одделение, одлично го владеат англискиот јазик, но и коишто ги поседуваат вредностите за кои се залагаше претседателот Борис Трајковски и кои се негуваат во „Нова“, како што се мултикултурализмот, запознавањето нови култури и негувањето заеднички вредности со меѓународната заедница. Од кандидатите се бара да се отворени за нови искуства и подготвени да се вклучат во поразличен систем на образование и организација на наставата.
Со цел подетално да го објасни и олесни процесот на аплицирање, „Нова“ организира информативна онлајн средба за сите заинтересирани кандидати, што ќе се одржи на 16 февруари од 18 часот. Пријавувањето за следење на средбата ќе може да се направи преку веб страната https://nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx. На информативната онлајн средба ќе биде објавена и темата за видео-есејот што треба да го подготват апликантите, во првиот круг на селекција.
Пријавувањето за стипендиите ќе се одвива од 21 до 28 февруари, при што апликациите и потребните материјали се поднесуваат во електронска форма, а истите ќе се достапни на веб страница на училиштето https://nova.edu.mk/bt-scholarship.aspx. Апликантите треба да изработат видео-есеј со лично гледиште на зададената тема, како и рефлексија во пишана форма за нивниот процес на учење и постигнување резултати. Претставници на „Нова“ ќе ги селектираат најдобрите кандидати врз основа на испратените материјали и тие ќе влезат во вториот круг, во кој преку тимски активности и тестирање ќе се изберат финалистите. Добитниците на стипендиите ќе се објават на 30 март.
„Програмата за стипендирање „Борис Трајковски-НОВА“ низ годините се етаблираше не само како начин да се овозможи пристап до образованието на НОВА за најдобрите ученици од земјава, туку и како извонредна можност тие да осознаат нови искуства, да запознаат нови култури и да ги прошират своите видици. Квалитетното образование гради квалитетни генерации кои се носители на прогресот во секоја земја. Затоа целосно се вложуваме во оваа програма преку која градиме подобра иднина за нашата земја, но и за општеството во целост, имајќи предвид дека најголемиот дел од досегашните стипендисти денес се успешни студенти и врвни професионалци во своите области, како во земјава, така и низ светот“ - истакнуваат од Меѓународното училиште „Нова“.
Комерцијален текст