На стартот на Миланската недела на модата, Ким Џонс првпат во живо претстави колекција женска облека дизајнирана за Fendi.
Наследникот на Карл Лагерфелд се инспирирал од диско гламурот додека ги креирал моделите за сезоната пролет/лето 2022 година во кои преовладуваат неутралните бои и пастелните нијанси. Ревијата започна со бели секојдневни стајлинзи, прогресираше кон забавни и разиграни металик фустани надополнети со кокетни модни додатоци, а заврши со црни креации.
Ким особено значење ѝ даде на работата на легендарниот Антонио Лопез, кој му беше пријател на Лагерфелд. Илустрациите на познатиот моден илустратор, Ким вешто ги смести врз своите креации, создавајќи уникатни изгледи.
„Додека трагав по наследството на Лагерфелд во куќата, исто така, разгледував и околу него, во неговите современици и во неговите интереси. Лопез му беше пријател на Карл и некој кој ме инспирираше. Размислуваше напредно, па сакав да им го претставам на новите генерации“ – рекол тој.