Македонската модна сцена ја збогатува нова, амбициозна креаторка, а тоа е Ана Франгова. Таа ја презентираше својата прва колекција преку фотосесија.
„Инспирацијата за мојата прва колекција „Едно со природата“ (One with the Nature) доаѓа од седумдесеттите и хипи-движењето, сето тоа осмислено и претставено на начин на кој денес јас го доживувам. Како голем вљубеник во природата и во спектарот на бои што го создава секое изгрејсонце и зајдисонце, се обидов да ја доловам таа убавина низ боите на материјалите и несекојдневните кроеви на парчињата, кои прават една целина со природата, а сепак се носливи во многу прилики. Оттаму и произлезе самиот наслов на колекцијата“ – вели Франгова.
„За впечатокот да биде комплетен, создадов тим за да ја претставам колекцијата официјално пред јавноста. Идејата беше да се долови тој слободен, авантуристички дух од седумдесеттите, желбата за патување, застанување и уживање во природата по пат, кога се собирале луѓето да слушаат музика, да свират, да пеат и да уживаат во животот. На замислата се работеше долго време за развивање на визијата и постигнување на крајниот резултат. И мислам дека успеавме да го доловиме и прикажеме сето она што го замислував“ – додава таа.