Физичката неактивност и гледањето телевизија го зголемуваат ризикот од депресија кај жените.
Истражувачите од Харвард откриле дека кај жените кои редовно вежбале во последните неколку години ризикот за појава на депресија бил за 20% помал, во споредба со жените кои ретко го раздвижувале своето тело со вежби. Активните жени имаат поголема самодоверба и повисоко ниво на ендорфин, хормонот на среќата.
Освен неактивноста, истражувачите откриле дека и гледањето телевизија придонесува многу за појавата на депресија. Колку повеќе часови една жена поминува пред телевизорот, толку ризикот од депресија е поголем. Кај жените кои гледале телевизија 3 или повеќе часа дневно ризикот од депресија бил за 13% поголем отколку кај оние кои ретко застанувале пред телевизискиот екран.
Во истражувањето, чии резултати биле објавени во „American Journal of Epidemiology“, учествувале околу 50.000 жени кои запишувале колку време вежбаат, а колку време поминуваат пред телевизорот. Во истото време учесничките требало да пријавуваат и дали имаат симптоми на депресија.
Ова не е прво истражување кое ги поврзува гледањето телевизија и физичката неактивност со депресијата. Научниците советуваат дека вежбањето е многу важно за одржување на здравјето на мозокот.