Физичкото домашно насилство е многу голем проблем и повеќето земји низ светот се обидуваат да го решат со помош на различни закони. Но, денес многу жени страдаат и од т.н. психичко насилство.
Франција е првата земја во светот која ќе се обиде да му стави крај и на психичкото насилство во рамките на бракот.
Со новиот закон, сопружниците во Франција може да добијат криминално досие доколку употребуваат навреди во своите расправии. Законот важи и за мажите и за жените и ги опфаќа постојаните груби забелешки за изгледот на партнерот, лажните обвинувања за неверство и заканите за физичко насилство.
При првото нарушување на законот полицијата треба да му даде предупредување на прекршителот, но ако тоа лице продолжи со навредите ќе заработи парична казна, забрана за приближување или дури затворска казна.
Ваков закон не може да помине без да биде критикуван. Критичарите сметаат дека ова е ефективен трик за задоволување на силното лоби на феминистките и дека ќе биде невозможно да биде спроведен.
Премиерот на Франција, Франсоа Филон, кој го објави законот изјави: „Создавањето на ваков закон ќе ни овозможи да се справиме со најскришните ситуации – ситуациите кои не оставаат видливи лузни, но оставаат жртви кои што се растргнати однатре.“
Портпаролот на премиерот изјавил дека законот е поддржан од владата и најверојатно ќе биде имплементиран во наредните шест месеци.