Татко има мисија да ја подигне свеста кај родителите и децата за булингот откако се самоуби неговиот исмејуван син.
10-годишниот Семи Теуш си го одзеде животот на 5 мај оваа година, а беше малтретиран на училиште сè до неговата смрт. Неговото семејство 20 пати го имало пријавено булингот кај наставниците и другите вработени во училиштето.
„Го исмејуваа за очилата. Во почетокот го исмејуваа за неговите заби. Тоа траеше долго време“ – рекол таткото на Семи, Сем, додавајќи дека подоцна малтретирањето станало физичко.
„Го тепаа на училиште и во училишниот автобус. Едно дете му ги скрши очилата и се јавив во училиштето за да прашам што ќе направат во врска со ова, дека ова само се влошува, дека не се подобрува“ – додал тој.
„Тоа утро немаше индикации дека Семи е вознемирен или дека нешто навистина лошо ќе се случи. Едноставно се случи.“
„Го држев во рацете. Го направив она што ниту еден татко не треба да го прави и секојпат кога ќе ги затворам очите, го гледам само тоа“ – рекол Сем за денот кога се самоуби Семи.
И покрај огромната загуба, Сем дава сè од себе за да направи позитивни промени во општеството за идните генерации. Според него, ова може да му се случи на секого.
„Сè започна по кратко време откако дојдовме тука. Отсекогаш гледавме да ги има најдобрите обувки, најдобрите алишта... Тој беше убаво дете и тоа само ми покажува дека ваквите нешта можат да му се случат на секого без разлика на изгледот, облеката, однесувањето, што и да е – вели Сем.
Тој сака родителите, старателите и децата да бидат свесни како врсничкото насилство може да ги повреди децата, како што го повреди Семи.
„Се надевам дека разбираат дека не знаат низ што минуваат децата дома, не знаат низ што поминуваат децата каде било во животот. Во најголемиот дел од случаите, децата не разбираат дека нивните зборови можат да бидат толку болни колку што се.“
„Тешко ми е дури да станам и да појадувам. Но, знам дека ќе биде лоша услуга за Семи ако се откажам. Им реков на децата дека никогаш нема да има нешто позитивно од ова ако не го создадеме самите. Ако седиме во тага и депресија, тогаш таков ќе биде светот за нас. Не смееме да го дозволиме тоа.“
„Сакам да бидам последниот родител кој плаче на ТВ.“
„Го правиме ова затоа што сме човечки суштества и треба да бидеме заедно во ова. Треба да го поправиме општеството за нашите деца да имаат добро место за живеење. Ниту едно дете не треба да живее во страв“ – рекол Сем.