Со почетокот на преговорите ќе започне и процесот на зачленување во ЕУ. Членките на Унијата воведоа нова преговарачка методологија, а Поглавјето 23 доби водечка позиција, заедно со неговите носечки делови: правосудство, основни човекови права, родова рамноправност, слобода на изразување и борба против корупција.
Според Деспина Туманоска од Finance Think, македонскиот пазар на труд се соочува со две појави: родова нееднаквост и родова дискриминација.
„Дека постои родова нееднаквост на пазарот на труд е нотирано во последниот извештај на Европската Унија за напредокот на земја, каде што е забележано дека учеството на мажите на пазарот на труд а 78 проценти, наспроти само 52 проценти учество на жените, што значи дека жените се во инфериорна состојба на пазарот на труд во земјава. Главна причина за тоа е традиционалната улога на жената да се грижи за домот и семејството и нивниот ангажман како неплатени семејни работници“ - вели Туманоска.
Жените се вклучени во земјоделското производство, но мал е бројот на тие што имаат имот на сопствено име, а иако анализите покажуваат дека се зголемува, сѐ уште е мал бројот на жени што се регистрирани земјоделци во споредба со тој на мажите.
„Улогата на жената во земјоделското производство е многу голема, меѓутоа, она што го дознавме, она што го забележавме на терен од истражувањата се две различни состојби, од една крајност во друга крајност. Има дискриминација, има стереотипи, има неинформирани рурални жени, меѓутоа, сепак, се сретнавме и со жени кои и тоа како знаат претприемачки да размислуваат, да се занимаваат со претприемништво и да водат свој бизнис“ - истакнува Павлина Јовановска од „Зелена берза“ од Битола.
Лилјана Јоноски од „Рурална коалиција“ укажува дека во периодот што следува, особено со самиот почеток на преговори за членство во ЕУ, ќе биде потребна поголема соработка на сите чинители.
„Граѓаните и институциите, ќе треба многу повеќе да делуваат заедно, да се изгради една меѓусекторска, интерсекторска и институционална соработка. Како помеѓу самите институции меѓусебно, така и со институциите на национално ниво, вклучувајќи ја и локалната самоуправа. Третата алка во тој синџир на споделување на информации, на заедничко делување би биле граѓаните односно жените од руралните средини“ - вели Јоноски.
За актуелната состојба со родовата рамноправност кај нас и каква е нејзината улога во преговорите со ЕУ, погледнете повеќе на следното видео:
Комерцијален текст