Во следните две години ќе се снимаат игран филм, документарец и ТВ-серија во неколку продолженија за Тоше Проески.
Животот, делото и мисијата на нашиот „славеј“ ќе бидат прикажани на екраните преку проектот чиј носител е Македонската радио-телевизија. Ова го најави министерот за култура Зоран Љутков.

Во неговата објава на Facebook стои:
Со огромно задоволство најавувам нов проект посветен на животот и делото на нашата легенда, Тоше Проески!
Во следните две години, ќе снимиме игран филм, документарец и ТВ-серија во неколку продолженија, кои ќе ги прослават неговите живот, дело и мисија. Тоше не беше само музичка икона за Македонија, туку и за целиот Балкан, и овој проект ќе има големо регионално значење.
Носител на проектот е Македонската радио-телевизија, копродукциски ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот, а финансиските средства ќе бидат обезбедени од буџетот на Македонија преку Министерството за дигитализација. Согласноста од семејството на Тоше е потврдена, и ние сме подготвени да ја разоткриеме неговата приказна!
Тоше е роден во 1981 година во Прилеп, а музичкото образование го стекна во музичкото училиште во Битола и на Музичката академија во Скопје. Неговите песни се пееја не само во Македонија, туку и на Балканот, а во светот. Тој почина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска.

