Почина Исак Андрик.
Основачот на модниот бренд Mango го напушти овој свет на 71-годишна возраст. Шпанскиот милијардер го изгубил животот откако се лизнал и паднал во провалија за време на планинарење и истражување пештери во Шпанија со свои роднини. На местото на несреќата бил и неговиот најстар син, кој сега ќе го наследи.



„Исак беше пример за сите нас. Тој го посвети својот живот на Mango, оставајќи неизбришлива трага благодарение на неговата стратешка визија, неговото инспиративно лидерство и неговата непоколеблива посветеност на вредностите кои самиот тој ги постави во нашата компанија.“
„Во овие екстремно тешки времиња, ја споделуваме болката на семејството како да е наша“ – стои во соопштението на брендот.
Исак е роден во Истанбул, Турција, но во 1953 година со семејството се преселил во Барселона, каде со својот брат започнале да продаваат облека. Подоцна, тие отвориле продавници и во Мадрид. Името Mango го избрал Андрик откако го пробал овошјето манго за време на патување на Филипини.


Неговото богатство се проценува на 4,5 милијарди долари, според Forbes.
