Првото бебенце кое се роди во 2025 година во болница „Плодност“ во Битола е машко. Новороденчето пристигна на овој свет само седум минути по полноќ.
Малото момченце се роди со тежина од 3.540 грама, долго 50 сантиметри и го доби името Атанас.
„Машко новороденче е првото бебе во болница Плодност во 2025.“
„Само 7 минути по полноќ, во Болница Плодност спонтано се роди првото бебе во 2025 година. Машко новороденче, со родилна тежина од 3540 грама и 50 сантиметри должина. Честитки до среќните родители, а според првото породување, очекуваме бериќетна и силна 2025 година“ – напишаа од реномираната болница за гинекологија и акушерство.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ги посети мајките чии бебиња дојдоа на овој свет во 2025 година, во присуство на директорот и сопственик на болница „Плодност“, прим. д-р Таше Трчевски. Коњановски им честиташе на родителите за доаѓањето на нивните чеда и им подари подароци за бебенцата.
„На сите граѓани на Република Македонија, им ги честитам Новогодишните празници и посакувам оваа година да биде весела, радосна и успешна година во добро здравје. Во раните утрински часови во 7 минути по полноќ, породена е прворотка со спонтано породување со машко бебе, а во 7 часот породено е второто, женско бебе кај мајка треторотка со царски рез.“
„Оваа година имавме 799 раѓања, 33 помалку од минатата година. Според здравствените параметри на Заводот за статистика, бројот на живородени е помал за 6% на ниво на цела држава, што значи дека и ние го следиме тој тренд. Очигледно е дека се повеќе ни се иселуваат младите, дека се помалку се склучуваат бракови, а расте бројот на разводи. Мислам дека Болница Плодност, исправена пред сите предизвици, успешно се справи во 2024 и успешно ќе одговори во 2025 со следење на модерната технологија и иновациите“ - рече прим. д-р Таше Трчевски.