Кратко, а шармантно од прва до последна минута. Забавно, едукативно и гостински диверзифицирано. Понекогаш адреналинско, а понекогаш супер релаксирано, но секогаш со моќни пораки и совети... Новото шоу „Кики низ град“ на Кристина Мукаетова е како зрак позитивност и бран инспиративна енергија, се „впива“ неосетно и на крајот на секоја епизода, ќе посакате веднаш да е достапна следната.
Младата ѕвезда, која ја запознавме со „Дајте музика“, а со која пред 3 години се гордеевме и на детската Евровизија, нè носи на мини патешествија низ урбани катчиња заедно со гости чии видувања и искуства би ја заинтригирале секоја возрасна категорија. И секоја емисија ве остава со прашања и препораки за размислување.
А самата Кики константно плени со непосредност и отвореност и мотивира со незгаслива желба за подобрувања во општеството. Во нашиот разговор, фокусот е токму на неа, на нејзините копнежи, интереси и ставови за актуелни проблеми.
Урбаната и инспиративна приказна „Низ град со Кики“ започна неодамна и првите епизоди веќе стигнаа до фановите со одличен фидбек. Од каде инспирацијата за шоуто и која е главната порака која сакаш да ја пренесеш?
Кики
- Во ток-шоуто сакав да ја споделам мојата љубов кон урбаната страна на градот во кој сум родена и во кој живеам и на кој му се радувам неизмерно секој пат кога ќе се вратам од некое патување. Секогаш кога за прв пат се среќавате со некоја личност ‘муабетот’ најлесно тргнува од дијалог за времето или за местото во кое се наоѓате или живеете. Па од таа „локација“ со моите гости преминуваме на искрен, непосреден и другарски разговор на разни теми кои ја интересираат пред сè – мојата генерација: музика, спорт, филм, мода, забава... Се радувам на секој позитивен пример во нашето општество, а моите гости се личности кои навистина имаат убава приказна зад себе која вреди за внимание.
Фокусот е на „убавата страна на Скопје“, онаа која сите ја обожаваме. Која локација од снимањето ти е врежана во срцето, кое место во Скопје ти е најзабавно, кое најромантично, а кое ти буди носталгија?
Кики
- Досега, сме биле во Скопје и Милано, но на ред се секако и други градови низ државата, а можеби и регионот.
Дебар Маало во Скопје е дефинитивно најзабавно за мене и мојата генерација заради содржините што ги нуди. За Охрид би рекла дека е најромантичен. Битола има некоја посебна магија на Широк Сокак и таму планирам пролетна емисија. Носталгија ми е Луна паркот и Зоолошката во Скопје. Навистина ми фали возот во Луна Парк и жирафите во Зоолошка кои често ги посетував за време на короната и кои за жал ги немаме веќе...
Разработувајќи ја емисијата, разговараше со редица истакнати лица во најразлични сфери. Кој е советот со најсилно влијание врз тебе?
- „Обиди се, нема да згрешиш“ – беше најчестиот заклучок. Советите го насочуваа проектот од една крајност во друга. Идејата почна како поткаст, што ќе беше многу лесно да се разработи, но замислувајќи се себеси во тој формат, ми недостасуваше динамика. Да, ние тинејџерите сме најчесто на социјалните медиуми, сакаме да видиме сè одеднаш, но телевизијата има своја тежина, па решив да го земам најдоброто од двете, во формат кој би бил „адаптибилен“ за сите екрани и за поширока возрасна група.
Во секоја епизода споделуваш препораки за театар, журки, модни случувања и редица културни и забавни настани. Што најмногу те влече тебе или си личност која сака да искуси колку што може од сè?
- Спремајќи се за излегување со другарките, најчесто НЕ ЗНАЕ(В)МЕ каде да тргнеме и што да правиме или што да видиме, па има(в)ме многу излегувања каде што „без врска“ сме лутале. Тешко е да си во тек со СЀ, па затоа третиот дел од емисијата, наречен „Вреди да се види“- содржи селектирани настани на кои јас реално присуствувам или би сакала да присуствувам во текот на неделата. Да, сакам да одам на кино и театар, сакам да бидам на некој убав концерт или диџеј сет, сакам да видам светски настани низ Македонија и се радувам на секој постигнат успех на артистите од македонската јавна сцена кој е вреден за внимание.
„Низ град со Кики“ премиерно се емитува на МРТ, а потоа се распространува и на социјалните мрежи на кои реално сите сме активни, независно дали како креатори или консуматори на содржини. Што мислиш за популарните социјални медиуми? Дали се благослов или проклетство?
- Ако ме прашате мене, одговорот е благослов, а ако ги прашате моите родители тие можеби нема да одговорат проклетство, но сигурно ќе кажат ‘нужно зло’ 😊
Точниот одговор е некаде во златната средина. Ние тинејџерите никако не можеме без нив, корисни ни се – да, за да сме во тек со сите трендови, тоа е факт, но исто така е факт дека носат опасности за кои треба да сме свесни.
Кога младите ќе одлучат да донесат одредена промена, нивниот глас е најјак и нестивнувачки. Што најмногу ја радува, а што ја мачи твојата генерација и што сметаш дека би промениле за миг твоите врсници доколку би имале таква моќ?
Кики
- Од прва би поработела на системот за справување со врсничко и секаков вид на насилство кај младите. Јас бев жртва на врсничко насилство неколку пати во основно училиште. Имав пукнат нос, шината рака и тон трауми. Не најдовме решение, па го сменив училиштето и не бев среќна со одлуката зашто тортурата продолжи на други деца. Пред некој месец видовме снимки од кршењето на лулашките во Капиштец. Како мала си играв на тие лулашки. Сега играат нови генерации, а доаѓаат и нови. ЗОШТО?! Неодамна видов дека ‘супермен’ трендот од ТикТок дошол и кај нас: дечки АМАН! Зошто деструкција?!
Почист воздух: Снимавме епизода на Водно на 25 ноември. Сликата беше ЈАДНА! Ниту еден скопјанец не заслужува да го диши тој чад. Секојдневно. Без решение. Не сум видела лично, но сакам да видам како е во Тетово и во Велес. Веројатно полошо од она што читам... 🙁
Почисто Скопје: Сите мои гости во емисијата истакнаа дека Скопје е валкан град. За жал, морам да признам дека е точно... Секое снимање имаме неупотребливи кадри од тон ѓубре и преполни контејнери по пат. Ситуацијата во Дебар Маало и строгиот центар на градот на моменти личи пристојно, но мора да се поработи на темава. Стаорци на Кејот?! Грозно!!
Поквалитетно образование: Учење лекции на памет? НЕ! Не знам дали е жално или смешно немање учебници во денешно време. ЗОШТО?! Имам многу идеи и размислувања за разработка на темиве погоре во серијалот со мои врсници.
И одблиску и лично да ја запознаеме Кики преку „блиц“ прашања:
• Која книга ти е „must-read“, а која моментално ти е на дофат од креветот?
- Must read немам, секоја книга има своја убавина. Чудно е што ме влечат дистопии, омилен жанр ми е дефинитивно. На дофат во моментов ми е Диво Месо, а следна на ред ми е „Големиот Гетсби“ (The Great Gatsby).
• Би се дефинирала како интровертна или екстровертна?
- Екстровертна дефинитивно! Искрено тешко е да ме замолчите. 😊
• Омилена „wellness“ рутина?
- Време сама со себе и позитивно размислување.
• Физичка активност која те исполнува најмногу?
- Танци пред сè и баш ми е жал што „настрадаа“ со ангажманите кои ги имам. 🙁
• Готвиш ли? Кој оброк е најчесто на твоето мени, а кое јадење ти е најомилено?
- Готвењето е во обиди ама битно се трудам 😐 Изборот е секогаш италијанска храна, а најомилено јадење - Cacio e pepe паста.
• Каде би отпатувала токму баш сега, а кое патување никогаш не би го избришала од меморијата?
- Веднаш би отишла во Лондон, а засекогаш омилено патување ќе ми биде летниот камп во Кран Монтана, Швајцарија.
• Кој гостин ќе го гледаме следно во „Низ град со Кики “?
- Викендов е епизодата со д-р Владимир Чадиковски, следат Јована Филиповиќ, Даниел Николовски, Сергеј Варошлија и еден Дедо Мраз за празниците, а листата на желби е навистина долга. 😊
Новите епизоди од „Низ град со Кики“ се емитуваат премиерно секоја сабота на МРТ1, а потоа можете да ги пронајдете и на YouTube каналот на Кики.