Поради невообичаениот тек на 2020 година, огромен број луѓе почнаа да водат повеќе грижа за своето здравје и да се обидуваат превентивно да ги елиминираат разните закани по здравјето.
За да одговориме на прашања и дилеми на оваа тема, побаравме мислење од Професорката на Фармацевтскиот факултет при УКИМ Александра Грозданова, која е и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство. Таа ќе се обиде да ни објасни што точно значи превентивната грижа за здравјето и како таа да се обезбеди во периодот на вируси.
Како КОВИД-19 да не беше доволна закана, сега влегуваме во период на сезонски грип (инфлуенца), кој за помладите и здрави луѓе е скоро безопасен, но за толку многу луѓе од ризичните категории граѓани и повозрасните старосни групи е тешко надминлив и предизвикува сериозни компликации по здравјето. Првиот чекор кон заштита е утврдување на заканата, а потоа се дејствува кон нејзиното отстранување.
Зимата која надоаѓа носи со себе нови предизвици и закани по нашето здравје. Она што многумина го нарекуваат „сезона на вируси“, сега со присуството на Ковид-19 е многу поопасна и затоа е потребна поголема нега за сопственото здравје. Како да се заштитиме од опасностите кои се закана за нашето здравје?
- Токму така, на прагот сме од сезоната на вируси и настинки и поради ладното време и поради тоа што овој период се најчести респираторните вирусни инфекции, а меѓу нив најчеста е инфекцијата со инфлуенца вирусот, односно грипот. Актуелната состојба на пандемија со КОВИД-19 ќе го направи овој период уште по ризичен за граѓаните и уште со поголем притисок кон здравствениот систем. Затоа е извонредно битно да се обезбедиме со заштита, барем од она кое ние познато и за кое имаме превенција, а тоа е инфлуенца и вакцините за инфлуенца.
Вакцините против инфлуенца остануваат единствената и можам слободно да кажам најуспешна превенција против инфлуенца. Долгогодишната употреба и голем број истражувањата потврдија дека вакцините против грип ефикасно делуваат на начин што го намалуваат бројот на компликации и смртни случаи, ја намалуваат потребата од интензивна нега и хоспитализацијата на пациенти во болниците. Дури и кај пациенти кои се заразиле со грипот, а кои ја примиле вакцината претходно, вакцината ќе обезбеди ризикот од компликации да е многу помал и штетата која грипот може да ја предизвика да биде минимална. Дополнително вакцинацијата за грип покрај индивидуална заштита на особата која ја примила, обезбедува и заштита на оние со кои живееме и работиме, бидејќи го спречуваме ширењето на вирусот на грипот, а со тоа се грижиме и за другите.
Судејќи според описот на симптомите на КОВИД-19 и сезонскиот грип, може да се добие впечаток дека овие два вируси се многу слични. Како можеме да утврдиме за кој од нив се работи, доколку почнеме да манифестираме првични симптоми?
- Почетните симптоми на КОВИД-19 и грипот се многу слични. Но, сепак, во консултација со вашиот матичен лекар, може да се направи разлика на овие две состојби и соодветно да се продолжи лекувањето. Бидејќи и коронавирусот и сезонскиот грип се респираторни вирусни болести, органи кои се најпогодени се белите дробови. Најчесто се јавуваат слични симптоми и тоа температура, кашлица, болки во мускулите, замор и отежнато дишење. Специфично е што е можна појава на губењето на осетот за мирис и вкус како симптоми на КОВИД-19.
Постојат одредени насоки дека симптомите кај сезонскиот грип се јавуваат брзо и пациентот се жали на повеќе од еден симптом, додека симптомите од коронавирусот се случуваат еден по друг и се развиваат многу побавно. И во двата случаи со цел да се заштитиме и себе и другите, потребно е практикување на препораките за изолација и барање на стручна медицинска помош.
Ако ги чекаме првите симптоми на сезонскиот грип, тогаш тоа значи дека не сме направиле сè што е во наша моќ за да се заштитиме од него. Каква заштита ни нуди иновативната медицина и дали таа е достапна во Македонија?
- Заштита од грипот имаме во ефикасната и безбедна вакцина за грип кој се користи веќе со децении. Научната јавност и лекарите советуваат дека сите, а особено луѓето од ризични категории, треба да бидат вакцинирани против инфлуенца. Во моментов, во најголем дел од земјите во Европа, а и во Македонија, се користи т.н. четири валентна вакцина за инфлуенца, која содржи четири типови на инфлуенца вирусот и нè заштитува од нив. Онаа која Министерството за здравство ја обезбеди е произведена од реномиран француски производител и има одлични заштитни и безбедносни ефекти. Квалитетот и безбедноста на вакцините кои се користат во нашата држава апсолутно ги задоволуваат најригорозните барања, и нашите граѓани тоа го препознаваат, оттука и толкав интерес за вакцинацијата.
Вакцината против сезонски грип нè заштитува нас и нуди пасивна заштита за нашите најблиски. Возрасните луѓе над 65 години и оние од ризичните групи треба особено внимание да посветат на своето здравје и да се заштитат од сезонскиот грип. Кој е вашиот совет за нив?
- Една од најризичните категории на луѓе во однос на сезонскиот грип се луѓето над 65 години и хронично болните и токму за нив нашата држава веќе три години наназад обезбедува бесплатни вакцини за грип. Оваа иницијатива продолжува и во 2020 година, како дел од програма за подобрување на имунизацијата и вакцинирање со цел спречување на сезонскиот грип, дополнително во оваа програма се опфатени здравствените работници и бремените жени. Но, сепак и младите и работоспособните луѓе се во контакт со нивните најблиски, родителите, поширокото семејство и пријателите. Оттука препорака и до нив да се вакцинираат. Тие доаѓаат во контакт со роднини кои имаат хронични болести, а дел од нив припаѓаат на критичните категории граѓани, кои имаат сериозни компликации секогаш кога ќе имаат допир со сезонскиот грип. А за некои од нив, средбата со сезонскиот грип има фатален крај. Треба да знаеме дека луѓето со кардиоваскуларни болести имаат трипати поголеми шанси да доживеат срцев удар по боледувањето од инфлуенца. Голем е ризикот кај пациентите со респираторни заболувања, со дијабет и малигни заболувања. Затоа е јасно зошто на овие луѓе им е толку потребна заштита во сезоната на грипови и вируси и кај нив вакцинацијата за грип е навистина неопходна.
Вакцинацијата е најбезбеден начин за зачувување на своето здравје. Периодот на актуелната пандемија со КОВИД токму и тоа ни посочи, колку сме беспомошни кај инфективните заболувања доколку немаме соодветна терапија и уште повеќе ефикасна вакцина. Верувам дека сите ние станавме свесни колку вложувањето во превенцијата и индивидуално и како здравствен систем е исклучително битно.