На Клиниката за ортопедија во Скопје за првпат беше направена трансплантација на коска од починат донор.
Веста за успешната операција беше објавена на профилите на Министерството за здравство.
„Успешна трансплантација на Клиника за ортопедија, со имплант, односно коска од починат донор, која е имплантирана на два прста кај 13-годишно дете со брахидактилија.“
„За првпат кај нас е извршена ваков тип на трансплантација и детето е со уреден постоперативен тек“ – стои во објавата.
„Изразувам посебна благодарност и честитки за целиот тим предводен од д-р Даница Поповска и доц. д-р Илир Шабани, како и сите здравствени работници кои учествуваа во оваа трансплантација - д-р Лилјана Ангелеска, д-р Теодора Божиновска, д-р Филип Видоевски, инструментарки Сузана Пејчиновска, Арјета Мемети, анестетичар Менка Дојчиновска, радиолошки технолог Крешник Шеху и гипсер Ирена Галевска. Ќе продолжиме со уште посилно темпо заедно со сите чинители да ја подигнуваме свесноста за овој највисок акт на човекољубие“ - истакна проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.