Многу насмевки, гласно пеење, носталгија, громогласни аплаузи, инспиративни изведби и пролеани солзи. Концертот на Меморија во „Борис Трајковски“ дефинитивно ќе остане засекогаш во сеќавањето на сите присутни.
Популарниот бенд прослави 40 години постоење, а публиката им подари на талентираните музичари многу позитивна енергија и овации. Еуфоријата започна со хитот „Македонија“ за да не стивне до последната нота.
Дани Димитровска, Андријана Јаневска, Сара Мејс и Ружица Милошеска-Брчиоска со сопругот Ивица гостуваа за уште позапаметливо концертно доживување, а виртуелно им се придружи и Симон Трпчески.
Кога Апостол Икономов-Поце се расплака за време на изведбата на песната „За тебе“, која ѝ ја посвети на покојната сопруга Вики, никој не остана рамнодушен. Аплаузите не престануваа ни по инспиративниот настап на групата заедно со Филип Николоски, кој живее со церебрална парализа и на сцената се појави во инвалидска количка.
Што ќе биде следно од Меморија? Веројатно прво албум, а потоа да се надеваме уште многу вакви концерти.
Фото: Ивона Кочов