Здраво на сите! Веќе сум сигурна дека ме препознавате, тоа сум јас – Bestie, вашата најдобра другарка. Тука сум секогаш за вас во сите непредвидливи моменти. Како што веќе знаете, заедно со dm дрогерие маркт продолжуваме со нашата мисија за менструална правда преку проектот „Никогаш повеќе сама“. Веќе поставивме над 220 диспанзери со бесплатни хигиенски влошки, се подготвуваме за зголемување на бројот на диспанзери во 2025 година, подготвуваме уште многу едукативни содржини, предизвици, Spotify музички плејлисти, панел дискусии и изненадувања, а денес ви носиме уште едно инспиративно интервју од серијалот Bestie & Besties. Време е да ја запознаеме нашата трета другарка од друштвото на позитивни промени.
Во денешниот разговор, чест ми е што ќе зборувам со една успешна и инспиративна млада жена, добропозната за сите вас – Бојана Стојменовиќ Петровска. Таа е психолог, семеен и системски советник, организациски консултант за ментално здравје и основач на „Мој Психолог“. Со неа имам чест да зборувам за многу интересни теми! Ќе зборуваме за искуствата од нејзиното детство, начинот на кој ја гледа менструацијата низ призмата на психологијата и како сите ние можеме да се поддржиме една со друга кога станува збор за ваквите важни теми како менструацијата. Ајде да позборуваме малку со Бојана!
Bestie: Кога за првпат се сретна со менструацијата како со природен процес кој е дел од твојот живот? Имаш ли некое интересно искуство од детството?
- Здраво Bestie, ти благодарам што ме мотивираше да се навратам назад во тинејџерските денови и да се потсетам за еден многу важен дел од мојот живот. Јас растев во едно поинакво време, кога информациите не беа толку достапни како сега. Со другарките често си разменувавме сé што ќе дознаевме и слушневме. Секако, тука имаше простор за многу невистини, стереотипи и митови. Се сеќавам дека имав една мала книга која за тоа време беше многу прогресивна и полна со информации. Во неа беше опишан пубертетот, промените кои се случуваат, имаше мал дел за сексуална едукација и заштита, а дури имаше дел посветен ина менопаузата. На крајот од книгата, со слики и нумерација, беше претставено и како правилно да се постави хигиенска влошка. Оваа книга кружеше помеѓу мене и моите другарки, па помеѓу помалите сестри, па дури и до други девојчиња кои сакаа да се информираат, а на крајот ѝ се изгуби трага. Многу жалам што ја немам до мене денес, затоа што откако почна овој проект, јас често се потсетувам на неа како важен дел од моето растење и информирање за менструацијата.
Bestie: Како психолог, што мислиш за начинот на кој менструацијата се перципира во нашето општество? Какви промени би сакала да видиш?
- Лично сметам, и секојдневно низ работата со луѓе гледам, дека пред сé постои една општа неинформираност. Многу аспекти поврзани со менструацијата кај жената, се поврзани и со бројни невистини и митови.Првата промена што сакам да ја видам е токму таа- поголема информираност и едукација, која нема да ги опфати само жените. Следен чекор кој навистина би сакала да го видам е достапност на хигиенски именструални производи, но и подобра опременост на јавните тоалети. Кога зборуваме за менструална правда и намалување на менструалната сиромаштија, ние зборуваме и за достапноста на хигиенските производи и во јавните тоалети, кои важно е да ги имаме, што ќе придонесе за подобрување на условите за секоја девојка и жена.
Bestie: Сподели ни една приказна од твојата пракса што те поттикнала да работиш повеќе на темата менструално здравје.
- Приказните од мојата пракса, кои мене ме мотивираат да работам повеќе на темата менструално здравје, можам да ги поделам во две групи. Во првата група се предизвиците со кои жената која менструира се соочува на работното место и (не)можноста да искористи слободен ден или да работи од дома, иако доживува силни болки кои ја попречуваат во функционирањето и работењето. Во втората група се предизвиците на младите девојки кои прв пат менструираат, во насока да се дадат сигурни извори на точни информации, и да се охрабрат и обучат родителите да бидат поотворени за разговор на оваа тема. Повеќето приказни со кои сум се сретнала, влегуваат во едната или во другата група.
Bestie: Што мислиш, како воспитувањето во детството влијае врз тоа како една девојка ја доживува менструацијата?
- Секако дека начинот на воспитување и грижа влијае на тоа како една девојка ја доживува менструацијата. Во потесна врска влегува семејниот систем од каде доаѓаат и воспитувањето, ставовите, вредностите, верувањата итн. Сум забележала дека во семејствата каде нема отвореност на оваа тема,темата се доживува само како женски проблем или прашање за кое треба да дискутираат само жените – на крајот комуникацијата се одвива само помеѓу женските членови. Па така, сé што е поврзано околу менструалното здравје го знаат само женските членовиод семејството и тоа не се споделува со останатите. Понатаму, како што сите ние растеме и се развиваме, имаме можност да формираме свои искуства, ставови и верувања кои можат да бидат различни од оние на семејството од каде доаѓаме. Сите млади девојки во еден момент од животот ќе имаат можност да го прифатат или отфрлат тоа што сметаат дека е во согласност или не со нив и нивните ставови и размислувања.
Bestie: Имаш ли некој личен „ритуал“ или навика со кој си го олеснуваш тој период од месецот?
- Жалам што малку порано не научив дека ритуалите спасуваат жива глава. Во тие денови од месецот, секогаш повеќе време си отстапувам на себе, да бидам дома и да одморам. Имам среќа што мојата работа ми го дозволува тоа, па можам самата да си го изменаџирам времето и обврските. Мојот омилен личен ритуал во тие денови ми е топол чај од нане и книга.
Bestie: Кои се твоите „must-have“ производи во менструалниот сет? Дали имаш уникатни и неопходни нешта што секогаш ги носиш со себе?
- Моите „must-have“ производи се далеку од уникатни, но се апсолутно практични. Секогаш со себе имам мал несесер кој содржи неколку видови на хигиенски влошки, влажни хигиенски марамчиња,средство за дезинфекција на раце, чисти хартиени шамивчиња и некој аналгетик. Ова е мојот “first- aid kit”, но за во чанта.
Bestie: Што за тебе значи пораката ‚‚Никогаш повеќе сама‘‘? Како психолог, што мислиш, како оваа порака делува врз девојките?
- Мислам дека пораката пред сé делува мотивирачки и охрабрувачки. Bestie досега понуди многу материјали од каде може да се прочита и научи многу. Таа охрабри многу јавни лица да ги споделат своите приказни, ја направи поголема достапноста на хигиенските влошки прекупоставените диспанзери и преку сите овие активности покажа дека девојките нема да бидат никогаш повеќе сами. Bestie е важен изворна информации, поддршка и другарката од која секогаш можеме да позајмиме влошка доколку немаме.
Bestie: Како ја гледаш иднината на менструалното здравје во Македонија по реализацијата на овој проект на dm дрогерие маркт?
- dm дрогерие маркт ја имаат мојата поддршка за сите кампањи досега. Мудро избираат општествени прашања и предизвици.Им се поклонувам за трудот кој го имаат вложено! Во однос на менструалното здравје во Македонија, сметам дека многу храбро застанаа пред предизвикот кој го носи едно најобично, но важно прашање кое некако долго време се тргаше настрана. Овој проект ги покажува сите насоки во кои треба да се движиме, за да направиме уште поголема промена. Мене лично ме воодушевипоставувањето на диспанзери со бесплатни хигиенски влошки на универзитетите. Нивниот проект ме мотивираше,и затоа сега, секогаш кога имам можност, купувам по едно пакување хигиенски влошки и ги оставам во јавните тоалети.
Bestie: Доколку ти си јас (Bestie) и можеш да ѝ испратиш порака на секоја девојка која ја чувствува менструација како предизвик, што би ѝ кажала?
- Менструацијата е природен и здрав процес во телото на секоја жена. Не треба да се чувствуваме засрамени кога сакаме да се информираме или да споделиме нешто. Секогаш треба да имаме на ум дека сме најважни со своето физичко и ментално здравје и треба да се стремиме да ја подобриме нашата добросостојба.
Бојана, ти благодарам за твоето време и искрените одговори. Верувам дека ќе можеме јас и ти, со овој разговор да поттикнеме поотворени и пореални размислувања, делувања и чекори кај девојките, бидејќи тие навистина не се сами кога не имаат мене и тебе. Со твојата експертиза и посветеност, ни кажа и покажа дека менструацијата не е само физичка состојба, туку и нешто што влијае на менталното здравје на секоја девојка, посебно доколку менструацијата ја сметаат за табу.
Драги другарки, вие никогаш не сте сами! Запомнете - Bestie е тука за вас, заедно со dm дрогерие маркт и сите наши активности кои ја поддржуваат менструалната правда и борбата против менструалната сиромаштија. Време е да им ставиме крај на предизвиците кои ви го отежнуваат секојдневието, да донесеме промени за нас и сите останати и да ја избистриме сликата во општеството за менструацијата како за природен процес кој е сосема нормален, а не стигматична тема за која не се зборува. Доколку имате приказна или совет, споделете ги со вашите најблиски другарки, но и со познаничките – секој глас прави разлика! А во моменти кога се чувствувате осамени, сетете се дека сме тука едни за други. Заедно сме посилни пред предизвиците, кога сме заедно, работите се многу полесни!