Почетна » Љубов и секс » Сингл » Како да изгледате посамоуверено кога сте на љубовен состанок?

Како да изгледате посамоуверено кога сте на љубовен состанок?

Веројатно сте забележале дека има девојки кои со своето појавување веднаш ги освојуваат погледите, во позитивна смисла. Нивната тајна е самодовербата. Самодовербата е привлечна, секси и посакувана. Таа покажува дека знаете колку вредите, се цените и почитувате себеси.

Кога сте на љубовен состанок, важен е изборот на зборовите што ќе излезат низ вашата уста, важен е изборот на облека и шминка, но не помалку важен е начинот на којшто се однесувате. Вашите движења, погледи и држење на телото безгласно „зборуваат“ за вас, можеби и повеќе отколку што би сакале.

Додека се обидувате да импресионирате некого, не заборавајте дека јазикот на телото издава многу повеќе информации за вас отколку вашите зборови. Па, обидете се да ги контролирате гестикулациите и научете го вашето тело отворено да „зборува“. Отворениот јазик на телото е одлика на самоуверените и дружељубиви личности кои луѓето сакаат да ги запознаат и во чие присуство уживаат.

Љубовен состанок

Контакт со очите

„Очите се прозорец кон душата.“

Како очекувате некој да погледне во вашата душа, кога не му дозволувате ни да ја види бојата на вашите очи? Запомнете, контактот со очите открива дека сте заинтересирана и самоуверена личност, која знае да биде и добар слушател. Всушност, контактот со очите е еден од најдобрите начини да ја изразите вашата самодоверба.

Но, тоа не значи да зјапате со ококорени очи во личноста која седи спроти вас, престорувајќи се дека слушате, бидејќи така ќе изгледате малку налудничаво и ќе оставите лош впечаток. Наместо тоа, одвреме-навреме тргнете го погледот настрана, а потоа пак вратете го. Не заборавајте да трепкате, но не пречесто.

Избегнувајте да гледате надолу во земјата додека пешачите. Да, тоа можеби значи дека внимавате каде одите, но кај другите остава впечаток на некомуникативна личност. Ако не го контролирате тоа, може да ви премине во навика. Никој не би сакал да разговара со личност која гледа во земјата и делува незаинтересирано.

Израз на лицето

Лицата на луѓето се како отворена книга. Она што не го кажуваат вашите зборови, може да се прочита од изразот на вашето лице. Личностите со ниска самодоверба се напрегнати, имаат половична насмевка и прават нервозни движења со устата и веѓите.

Најлесен начин за прикривање на нервозата и тремата е насмевката. Таа е знак за задоволна личност или личност со смисла за хумор. Искрената насмевка го зголемува за неколку пати позитивниот ефект на невербалната комуникација.

Гестикулации со рацете

Движењата со рацете кажуваат многу за вас. Му разоткриваат на вашиот соговорник дали сте нервозни, срамежливи, интровертни или заинтересирани. Еве неколку совети кои ќе ви помогнат преку рацете да ја изразите вашата самоувереност и да ја прикриете тремата:

  1. Никогаш не ги чувајте рацете во џебовите. Сè додека ги држите рацете во џебовите, луѓето околу вас ќе ве гледаат како несигурна личност со ниска самодоверба.
  2. Не ги вкрстувајте рацете. Целта на состанокот не е да се прегрнувате себеси, туку да покажете дека сте доволно отворени за да можете слободно да комуницирате со партнерот. Општо прифатено правило е дека луѓето со скрстени раце се срамежливи и нерасположени за отворен разговор.
  3. Не си играјте премногу со косата. Ова е најчестиот знак на нервоза кај жените. Вашите раце можат да ви бидат непријател на првиот состанок, затоа што најчесто ја издаваат нервозата и несигурноста. Ако си ја допирате косата со остри и брзи движења, вие веднаш покажувате дека не се чувствувате пријатно. Од друга страна, ако понекогаш си подигрувате со косата со бавни и елегантни движења, тоа е знак дека флертувате.
  4. Рацете држете ги смирени и стабилни. Како што рацете можат да бидат ваши непријатели, тие можат да бидат и ваши пријатели ако се научите да ги контролирате и да ги држите смирени.
  5. Гестикулирајте додека зборувате. На тој начин вие ќе ги држите рацете отворени, а не скриени. Тоа ќе му покаже на вашиот соговорник дека сте искрени и уверени во она што го зборувате.

Држење на главата

Наведнатата глава и избегнувањето на контактот со очите имаат исто значење – тие се одлики на личност со ниска самодоверба. Затоа, на првиот состанок препорачливо е да ја држите главата исправена, а погледот насочен кон соговорникот.

Слушањето е важно, но исто толку важно е кимањето со главата. Тоа ќе остави впечаток дека слушате и разбирате што ви зборува личноста со која сте на состанок. Но, не претерувајте со кимањето, затоа што може да постигнете сосема спротивен ефект од посакуваниот.

Положба на телото

Сите ја знаете разликата помеѓу самоуверено исправено седење и несигурен, дури подгрбавен став. Лошата положба на телото пренесува незаинтересираност и рамнодушност. За разлика од неа, исправеното седење емитува самоувереност и привлечност. Се разбира дека второто е за претпочитање.

Седете исправени, со подигнати рамена, независно дали сте сами дома или на кафе со вашите пријателки. Така тоа ќе ви премине во навика, па нема да ви биде тешко да го примените и кога сте на љубовен состанок.

Растојание

Никој не сака да му биде нарушен личниот простор, па одржувањето на соодветно растојание е многу важно за успехот на првиот состанок. Доколку сакате да покажете дека сте заинтересирани за она што го кажува вашиот соговорник, наведнете се нанапред, но не премногу. Преголемото доближување до соговорникот може да ве претстави како нападна личност.

Ако пак сакате да покажете дека сте сигурни во она што го зборувате и ако сакате да покажете самодоверба, вратете се во вашата првобитна положба (исправени со високо подигната глава). Внимавајте да не се оддалечите премногу, бидејќи тоа ќе ве претстави како арогантни и недостижни.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20779 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.