Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката недела на модата: колекции пролет/лето 2013

Њујоршката недела на модата: колекции пролет/лето 2013

Модните недели се светски настани кои привлекуваат врвни дизајнери, манекенки и критичари и многу славни зависнички од мода. Њујорк традиционално го започна месецот на модата, кој ќе ги однесе најголемите ентузијасти во останатите големи модни центри – Лондон, Милано и Париз.

Њујоршките писти им дадоа можност на речиси 200 дизајнери да воодушеват со својата фешн визија за сезоната пролет/лето 2013. Ѕирнете ги најзначајните и највпечатливите колекции кои ги диктираат трендовите за наредната година.

Келвин Клајн

Вешто поигрувајќи си со свила и сатен, Франциско Коста ги достигна границите на омилениот минималистички стил. Акцентирајќи ја женствената песочна фигура со длабоко деколте и конусни градници, тенка половина и заоблени колкови, тој ја преплави пистата со црни, бели и светло бежови креации. Младешкиот дух на колекцијата беше изразен преку кратките здолништа, додека сексапилот и оригиналноста се криеја во деликатноста и провидноста на ткаенините, како и слоевитоста и мрежестите акценти.

Келвин Клајн Келвин Клајн

Ралф Лорен

Шпанската инспирација беше очигледна во колекцијата на Ралф Лорен. 72-годишниот дизајнер презентира шармантна колекција, која ќе остане запаметена по многуте модни додатоци, костумите во „матадор“ стил, романтичните набори, силните бои, беретките и шапките „федора“. Креациите на модниот ветеран пленеа со сензуалност и природна елеганција.

Ралф Лорен Ралф Лорен

Викторија Бекам

Викторија Бекам дефинитивно го украде вниманието на модната недела во Њујорк. Модните критичари се заљубија во нејзината колекција, а гласните пофалби ја претворија во најомилена креаторка на социјалните мрежи за време на Њујоршката модна недела. Нејзините стандардно еднобојни креации без принт се карактеризираа со спортски, но шик кроеви, сексапилни детали типични за долната облека и А-линија.

Кога се има предвид страста на Викторија за високи потпетици, големо изненадување на ревијата беа ниските обувки. Чевлите во машки стил го носеа потписот на Маноло Бланик. „Многу сум среќен што таа избра ниски обувки и мислам дека е многу освежувачки и елегантно да се носат машки рамни обувки со фустани“ – изјавил Маноло.

Викторија Бекам Викторија Бекам

Џејсон Ву

Две различни, речиси контрастни визии за жената му дадоа на Џејсон Ву поттик да креира возбудлива колекција. Станува збор за фотографиите на Хелмут Њутон полни со еротизам и фотографиите на Лилиен Басман исполнети со елеганција и романтизам. Младиот дизајнер ги зачува силуетите по кои е препознатлив, ставајќи го акцентот на заводливата фигура на песочен часовник.

Џејсон Ву Џејсон Ву

Марк Џејкобс

„Младите девојки мора да научат дека да си секси не значи да си разголен“ – изјавил Џејкобс по завршувањето на ревијата. За разлика од неговата последна екстравагантна колекција, новата колекција „вреска“ од едноставност. „Минатата сезона беше многу романтично, многу бајковито, па оваа сезона сакав да направам нешто многу брутално, многу секси и многу недвосмислено. Без романтика, без емоции, само вистинска моќ и сила. Сакавме девојките да се секси, без да се вулгарни или тоа да е претерано“ – изјавил Марк. Поради облеката, но и поради шминката и фризурата, манекенките на Џејкобс изгледаа како да се излезени од 60-тите години.

Марк Џејкобс Марк Џејкобс

Маркеса

Далечната Индија, или поточно Индија во 60-тите, беше инспирација за дизајнерското дуо составено од креаторките на мода за црвениот тепих Џорџина Чепмен и Керен Крег. Креациите блескаа со гламур и раскош, понекогаш поднесен во големи дози. Кристали, мониста и извезени детали ги красеа вечерните елегантни фустани, меѓу кои имаше и креации во Боливуд стил.

Маркеса Маркеса

Оскар де ла Рента

Оскар де ла Рента со својата колекција од 60 изгледи не се обидуваше да следи одредена тема. Целта на 80-годишниот дизајнер беше да создаде убава облека. Освен со софистицираниот стил, колекцијата воодушеви и со разновидноста. „Сметам дека беше прекрасно“ – рекла Ана Винтур, уредничката на американскиот „Вог“.

Оскар де ла Рента Оскар де ла Рента

Вера Ванг

Текстурите, раскошот, богатите бои и декорациите во новата колекција на Вера Ванг укажаа на фактот дека искусната дизајнерка се свртила за инспирација кон егзотичната и мистична Индија. Деликатниот пристап кон декорирањето на креациите и фината употреба на чипка ја зголемија повеќекратно шармантноста на колекцијата.

Вера Ванг Вера Ванг

Каролина Ерера

„Сакав да работам со нови пропорции оваа сезона. Нешто неверојатно лесно и нежно“ – објаснила Ерера. Пролетната колекција е ултра женствена, поради цврстиот став на Ерера да се држи подалеку од мажествениот изглед кој дизајнерите милуваат да го искористат во женските колекции. А, апстрактните принтови и развеаните ткаенини докажаа дека Каролина си ја постигна целта.

Каролина Ерера Каролина Ерера

Александар Ванг

Александар Ванг одржа час по дисекција. Симетричните креации имаа силуети карактеристични за милитаристичкиот и спортскиот стил, но сите вклучуваа прецизни отсечоци. Урбана, футуристичка и силна... тоа беа зборовите со кои експертите ја опишуваа колекцијата. Но, крајот на ревијата најмногу ја изненади возбудената публика. Кога светлата се изгаснаа, целата колекција блесна во темнината.

Александар Ванг Александар Ванг

Моник Лулие

Моник Лулие е вистински експерт за невестински фустани. Нејзините RTW колекции не носат некои новитети на модните писти, туку едноставно ги разубавуваат. Подводниот свет и убавината на морските длабочини беше преточена во елегантни фустани и костуми кои ќе им го заробат погледот на холивудските дами.

Моник Лулие Моник Лулие

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.