Летото веќе е на прагот и нè тера што повеќе да размислуваме за плажа, сонце и релаксација. А кога сме кај плажата и сонцето, нема како да ги прескокнеме костимите за капење. Тие отсекогаш ни создавале главоболки нам жените, затоа што со малото парче материјал од кои се изработени треба ем да ги прекриеме недостатоците на нашата фигура, ем да изгледаме модерно.
Продавниците веќе започнуваат да ги набавуваат новите модели, а изборот е голем. Ако сакате да дознаете што е модерно и како да ги освоите погледите покрај базен или на плажа, продолжете да читате, затоа што ќе се обидеме да ви ги пренесеме најновите трендови кај костимите за капење.
Додека трендовите кај облеката се создаваат на модните писти во Милано, Париз, Њујорк и Лондон, трендовите кај костимите за капење доаѓаат од модната недела на Mercedes-Benz која се одржува секоја година во Мајами, Флорида. Овогодишните трендови не се разликуваат многу од минатата година, можеби затоа што кај костимите за капење дизајнерите немаат на располагање големо парче материјал за да можат да бидат инвентивни, па во голема мера се задржуваат околу стандардните модели. Сепак, новата сезона си носи и нови трендови.
Модерни „исечени“ монокини
Модерните монокини се всушност нешто помеѓу едноделен костим за капење и бикини. Овој тренд беше присутен и минатата сезона, но оваа сезона е задолжително да имате еден ваков модел. Кај модерните монокини горниот и долниот дел од костимот се сврзани со лента или некаков моден детаљ изработен од метал. Најчесто горниот и долниот дел се споени во средината на стомакот, но може и да се асиметрични за поинтересен изглед. Премногу се модерни, но не и многу практични, затоа што ако се сончате со нив, ќе добиете многу шари по телото.
Костими за капење на едно рамо
Еден од трендовите кои беа огромен хит минатата година, а сега повторно се актуелни, е трендот „на едно рамо“. Стилот „на едно рамо“ е популарен тренд кај фустаните и блузите веќе неколку години, а сега костимите за капење го присвојуваат карактеристичниот асиметричен дизајн. Оваа сезона нема да погрешите ако изберете костим за капење на едно рамо. Без разлика дали е едноделен или дводелен, во секој случај ќе бидете модерни. Овој тип на костим не само што изгледа убаво, туку е и многу секси.
Едноделни костими со длабок V-изрез
За сезоната лето 2010, V-изрезот кај некои костими е длабок до под градите, но кај некои модели стигнува и до под папокот. Присвојте го овој тренд ако сте доволно храбри и ако сакате да имате неодолив секси изглед.
Костими во светли весели бои
Летото само по себе бара повесели бои, а трендовите не го игнорираат тоа. Ова лето изберете си костим за капење во весела силна боја која ќе ве истакне. Живите бои преовладуваа и на модните писти во Мајами.
Костими без прерамки
Костимите чиј горен дел нема прерамки се добар избор не само затоа што се модерни ова лето, туку и затоа што овозможуваат да добиете рамномерен тен, без да ви се познаваат „бели прерамки“.
Црни костими со интересни детали
Црните костими за капење се многу посакувани, особено од жените кои сакаат да сокријат мали недостатоци по фигурата, па добра вест е што се актуелни ова лето. Тие изгледаат софистицирано и гламурозно ако имаат интересни метални детали. Ако носите црн костим, внесете повеќе боја во вашиот изглед преку модните додатоци.
Набори
Наборите веќе ги има насекаде: и на облеката и на костимите за капење. Тие му даваат женственост на вашиот изглед. Без разлика каков модел на костим ќе изберете, едноделен, дводелен, со прерамки или без нив, наборите се „ин“.
Различни дезени
Геометриски, животински, цветни... Костимите со дезени се забавни и модерни. Можете да изберете и костими со големи точки, со вертикални или хоризонтални линии и повторно да бидете модерни.