Ким Кардашијан ја прифати понудата за брак на Крис Хамфрис, со кого е во врска само 6 месеци. Но, најголемото внимание во целата таа приказна не го доби Ким или романтичниот предлог за брак, туку свршеничкиот прстен.
Неколку часа по објавување на свршувачката, веќе беше објавена цената на прстенот – неверојатни 2 милиони долари.
Имајќи во предвид дека имотот во кој живее Ким вреди 4,8 милиони долари и дека годишната плата на Крис е „само“ 3,2 милиони долари, се чини дека младиот кошаркар сакал навистина да се покаже и да ѝ го оствари сонот на префинетата Ким.
Всушност, 30-годишната Кардашијан сонувала за ваков прстен уште од средношколските денови. „Во средно отидов во Macy’s и купив лажен прстен, мојот „совршен“ прстен, а овој е скоро ист како тој“ – раскажала гордата Ким во интервју за People.
„Тој е најубавото нешто што го имам видено во животот. Совршен е“ – додала таа.
Се работи за 20,5-каратен дијамантски прстен којшто е изработен од еден голем камен од 16,5 карати и два помали камења од по 2 карати поставени од страните.
И додека светот сè уште зборува за прстенот на Ким, таа и нејзиното семејство ја планираат свадбата. Според последните информации, голема е веројатноста Ким да се венча пред камери, односно нејзината свадба да биде пренесувана на телевизија во живо.
Знаејќи дека Ким и нејзиното семејство заработуваат од тоа што нивниот секојдневен живот е постојано на телевизија, не е тешко да се поверува дека ќе ја искористат и оваа шанса за да го зголемат своето богатство со уште некое милионче.