Лејди Гага ја намали еуфоријата на музичкиот фестивал „iheartradio“ за да му оддаде почит на 14-годишен обожавател кој се самоуби минатата седмица.
„Изгубивме едно мало чудовиште оваа седмица и сакам вечерва оваа песна да му ја посветам нему, затоа што беше многу млад... Џејми, вечерва знам дека си горе и нè гледаш. И, ти не си жртва, ти си лекција за сите нас“ – рече Гага пред да ја испее позната „Hair“.14-годишниот Џејми Родемајер си го одзеде животот затоа што бил малтретиран од своите соученици на училиште и онлајн за неговата сексуална ориентација. Младиот тинејџер редовно објавувал постови онлајн во кои ја искажувал својата болка од навредите кои ги добивал на училиште и неговите помисли на самоубиство. Но, неговите постови биле причина за уште потешки навреди.
„Џејми е глупав, геј, дебел и грд. Мора да умре!“ – пишувало во еден од анонимните коментари. „Нема да ми е гајле ако умреш. На никој нема да му биде. Само стори го тоа :). Тоа ќе ги направи сите посреќни!“ – пишувало во друг коментар.
Еден ден пред да се самоубие, Џејми објавил дел од песната „The Queen“ на Лејди Гага. „Не ме заборавај кога ќе дојдам плачејќи на портите на рајот“ – напишал тој.
Во последните две пораки на својот блог Џејми напишал дека со нетрпение чека да ја види својата почината баба, а исто така и ѝ се заблагодарил на Гага со зборовите: „Збогум Мајко Чудовиште. Благодарам за сè што имаш направено. Paws Up Forever“.
„Тој допре толку многу срца, толку многу луѓе. Тој беше најслаткото и најмилото дете што можевте да го запознаете. Тој ќе го дадеше целото свое срце пред да си даде нешто себеси... Порано плачеше за навредите од своите соученици, но во последно време не изгледаше како да го засегаат. Во последно време не им обрнуваше внимание, или барем ние така мислевме“ - изјавила неговата мајка и признала дека Џејми во последните денови изгледал навистина среќно.