Синоќа во хотелот „Беверли Хилтон“ во Беверли Хилс се одржа церемонијата по повод доделувањето на наградите Златен глобус.
На 76-тото издание на свеченоста, „Bohemian Rhapsody“ неочекувано стана главен победник. Филмот посветен на Фреди Меркјури, ги остави зад себе „A Star Is Born“, „Black Panther“, „If Beale Street Could Talk“ и „BlacKkKlansman“ и победи во категоријата Најдобра драма.
Рами Малек, кој го портретираше големиот музичар Меркјури, ја освои статуетката за Најдобар актер во драма.
Во својот говор, Малек не пропушти да им се заблагодари на Брајан Меј и Роџер Тејлор од Queen. Триото позираше заедно со златната статуетка.
На Глен Клоус ѝ беше врачен Златниот глобус за Најдобра актерка во драма за „The Wife“.
„Green Book“ е Најдобар мјузикл/комедија, Кристијан Бејл е Најдобар актер во мјузикл/комедија за улогата во „Vice“, а Оливија Колман е Најдобра актерка во мјузикл/комедија за „The Favourite“.
Иако имаше пет номинации, „A Star Is Born“ освои само една награда. Имено, Лејди Гага ја прими статуетката за Најдобра оригинална песна за „Shallow“.
„Spider-Man: Into the Spider-Verse“ стана Најдобар анимиран филм, а „Roma“ се закити со наградата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.
Престижната награда Сесил Б. ДеМил годинава заврши во рацете на Џеф Бриџис.
Целосната листа на победници можете да ја погледнете тука.