Деми Мур го изненади својот поранешен сопруг Брус Вилис кога се појави на комичен настан на кој негови пријатели и колеги се шегуваа на негова сметка. Најшироките насмевки на „Comedy Central Roast“ ги измами токму Мур.
55-годишната актерка одржа говор во кој се пошегува за бракот со 63-годишниот актер, за менувањето пелени на нивната прва ќерка и за неговата кариера.
На крајот од говорот, двајцата топло се прегрнаа на сцената.
„За оние кои не ме познаваат, јас сум Деми Мур. Бев во брак со Брус за првите три филмови од ‘Die Hard’, што има смисла, бидејќи последните два беа катастрофа“ – рекла таа на почетокот од говорот, алудирајќи на двете продолженија снимени по нивниот развод.
Шегувајќи се за неговиот стил како родител, таа рече: „Брус е премногу дарежлив. Кога нашата ќерка Румер беше бебе и кога ќе беше тој на ред да ѝ ги смени пелените навечер, ќе се наведнеше над мене и ќе ми шепнеше ‘Ќе ти дадам илјада долари веднаш ако ѝ ја смениш таа пелена’“ – продолжила шеговито Мур.
„Брус го сметаше крајот на нашиот брак за негов најголем неуспех. Брус, не биди толку строг кон себе, имаше многу поголеми неуспеси. Planet Hollywood, Hudson Hawk... кампањата за Мајкл Дукакис, отфрлањето на улогата на Клуни во Ocean’s Eleven за да се фокусираш на свирењето на усна хармоника“ – додала таа.
Деми и Брус беа во брак 12 години, од 1987 до 2000 година. Тие заедно имаат три ќерки, 29-годишната Румер, 26-годишната Скаут и 24-годишната Талула, кои исто така беа присутни на настанот.
Настанот беше организиран од актерот Џозеф Гордон-Левит.
Брус беше придружуван од својата сегашна сопруга Ема Хеминг Вилис.