„Јас ќе лежам, жена ми нека работи“ – тоа е замислата за релаксација на мажите кога ќе се вратат дома од работа, или така е барем според резултатите од ново американско истражување.
Истражување на Универзитетот Калифорнија вели дека стресот кај жените се намалува кога мажите им помагаат при извршувањето на обврските, а за мажите важи обратното, т.е. нивото на стрес кај нив се намалува кога нивните жени се зафатени со работа, а тие лежат и се релаксираат.
За да дојдат до овој заклучок, научниците ги набљудувале активностите на 30 парови и кај секој од нив го мереле нивото на хормонот на стресот, кортизол. Секој од паровите во просек бил во брак по 13 години.
Истражувачите очекувано откриле дека домашните обврски биле причината за покачувањето на нивото на стрес и кај мажите и кај жените. Но, кај жените нивото на кортизол било помало во моментите кога сопругот помагал за завршување на обврските низ домот. Кај мажите пак било забележано пониско ниво на кортизол во моментите кога имале повеќе време за излежување додека нивните жени работеле.
Главниот автор на истражувањето, Дарби Саксби, смета дека има нешто што ги смирува луѓето кога се одмараат, а знаат дека некој друг ја врши работата.
„Кога ќе се вратат дома од работа, мажите се склони да седат сами. Кога жените ќе се вратат дома, тие се склони да поминуваат повеќе време со децата. Кога жените се сами, тие се склони да чистат низ дома. Кога мажите се сами, тие се склони да се релаксираат“ – изјавила Елинор Оч, директор на Центарот за секојдневен живот во рамките на Универзитетот Калифорнија.
Истражувањето покажало и дека во просек жените трошат повеќе време на домашните обврски, а мажите имаат повеќе време за излежување низ дома.