Кејти Коркен недискутабилно има специјална врска со своите ученици. Учителката на деца од предшколска возраст не можеше да си ја замисли свадбата без омилените дечиња со кои го минува секој работен ден, па одлучи да направи изненадна прослава токму во училиштето каде што предава.
Таа и нејзиниот партнер се заколнаа на вечна љубов пред олтарот поставен во католичкото училиште „Good Shepherd“ во Голден Вали, Минесота. На овој значаен ден, присуствуваа сите нејзини ученици и се радуваа за нејзината среќа.
„Моите ученици се значаен дел од мојот живот. Бликаа од возбуда и се смееја. Нивните реакции беа апсолутно совршени“ – изјавила шармантната невеста.
„Некои од децата носеа и ѕвончиња за да нè натераат да се бакнеме. Не знам дали се имам смеено толку многу во целиот мој живот. Беше неверојатно да се види како целото училиште навива за нас, дефинитивно ја почувствувавме љубовта. Летав“ – дополнила таа.
На церемонијата присуствуваа децата со кои работи моментално, но и деца од претходните генерации на кои им предавала.
Парот се запознал во 2020 година, а покрај оваа прослава на 1 февруари, следниот ден направи и веселба со семејството и пријателите.